Во Европската Унија не се оди како ничија земја, како дрво без корен, вели Пендаровски

од Берта Китинска
168 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски смета дека во решавањето на спорот со Бугарија со цел одблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската унија не треба да се брза, затоа што, како што вели, кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник. Наместо тоа, нагласува Пендаровски, треба да се работи на клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани.

Тој нагласи и дека не држат тезите дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. И доколку ваквата ситуација потрае, потенцира Пендаровски, нам не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат.

-Откако нашиот пат кон ЕУ унија беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите и на власт и во опозиција, во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани, порача Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието.

Тој напомена дека во ЕУ членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен.

Крајно време е да се запрашаме што правиме наспроти културата на заборавот и негрижата која доминира, затоа што за Европа не се битни само судските и бирократски реформи, туку и нашиот културен влог. Во Европската Унија членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен, истакна претседателот.

Ние, како што истакна шефот на државата, имаме светски референтни дела на тој план и не смееме да бидеме исклучок од тоа правило, заради себе, не заради нив. Затоа, како што посочи, е потребна далеку поголема грижа за нашиот јазик, за нашите стожерни културни институции, за нашите паметници, за виталните белези на нашиот идентитет.