Поранешниот директор на ДБК, Сашо Мијалков сепак останува во притвор.
-Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против С.М. обвинет во предметот со КОK бр. 63/21 во јавноста познат како „Плацеви на Водно“, а имајќи ја предвид итноста на постапката, Кривичниот совет, по добивање на предметот, одржа седница на советот и донесе решение со кое го прифати предлогот на Јавниот обвинител и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Од таму додаваат дека Советот сметал дека се исполнети условите од чл. 165 ст.1 т. 1 односно дека постои Опасност од бегство.
Ваквата одлука доаѓа по денешната одлука на Апелацискиот суд – Скопје со која беше прифатена жалбата на Мијалков и е преиначено решението за притвор и тој беше ослободен со гаранција од 11 милиони евра.
Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.