Џафери: Нема седница за пратенички прашања

од Берта Китинска
179 прегледи

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифинг со новинарите денеска најави дека на почетокот на денешната седница ќе биде констатирана оставката на Заев и дека седницата за пратенички прашања нема да се одржи.

Според него, досегашната практика покажала дека Владата во оставка, како резултат на оставката на премиерот, не може да учествува во таква расправа, додека според Деловникот не може ниту да именува свој претставник.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјаноска, вчера посочи  дека е крајно невообичаено на седница за пратенички прашања да се констатира оставка и да им се оневозможи на пратениците да им поставуваат прашања на министрите.

„Зошто сум јас овде? Јас не знам, значи ако се закаже седница ќе ја констатираме но сакам да укажам на еден друг проблем за кој што мислам дека е актуелен, имено во членот 93 во ставот 5 јасно стои дека Владата на која е изгласана недоверба или која поднела оставка во случајот наш, или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието останува на должност до избор на нова Влада. Значи во правото постои институтот Влада во оставка. И Владата во оставка е Влада која што има одговорност. И јас сега укажувам на еден чуден феномен. Имено, од 24-ти јуни ние не сме имале пратенички прашања што значи дека не сме можеле да ја оствариме контролната функција во името на граѓаните. Според Деловникот односно одредбата во Деловникот вели дека пратенички прашања се поставуваат во последниот четврток во месецот“, додава Силјановска-Давкова.

Слични содржини