Станот на поранешна СФРЈ во Трст ќе биде предаден на Србија и Северна Македонија

од Берта Китинска
416 прегледи

Земјите наследнички на поранешна Југославија се согласија на Северна Македонија и Србија да и го доделат станот на СФРЈ во Трст, соопшти словенечкото Министерство за надворешни работи.

Станот е во сопственост на Словенија од распадот на поранешната држава, но во последните години го користел Студентскиот дом „Сречко Косовел“ во Трст.

Државите наследнички го поделија целиот дипломатски имот на поранешната СФРЈ во регионот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), соопшти Министерството за надворешни работи на Словенија.

Во завршна фаза е последната од петте продажби на недвижности на поранешна СФРЈ во Токио, Бон, Берн и Њујорк.
Додека Словенија и Србија веќе потврдија дека се подготвени да го потпишат купопродажниот договор за заедничка продажба на куќата на поранешната мисија на СФРЈ во Њујорк, другите три држави наследнички сè уште немаат спроведено внатрешни процедури за добивање формално одобрение од нивните влади.

Куќата на мисијата во Њујорк, како што претходно беше најавено, е најголемиот „скапоцен камен” меѓу имотите вклучени во продажбата. Таа се наоѓа на Петтата авенија, една од најпознатите улици во Њујорк, веднаш до Централ Парк.