Едногодишно дете кое почина од ковид, било од домот за деца без родители во Битола

од Берта Китинска
204 прегледи

Во денешната ковид статистика во однос на починатите лица пронајдени од регистарот, пријавено е дете на еднoгодишна возраст починато на 29.11.2021.

-Според податоците добиени од Клиниката за детски болести, станува збор за дете кое престојувало во дом за деца без родители во Битола. Тоа повеќекратно наназад било хоспитализирано на Клиниката поради компликации во склоп на основните заболувања остеохондродисплазија, епилепсија, хидроцефалус, малнутриција, дилатациона кардиомиопатија. До денот на последната хоспитализација, детето било хоспитализирано во Клиничката болница во Битола каде поради долнореспираторен инфект е лекувано од 15.11.2021 до 24.11.2021 кога поради влошување на општата состојба и добиен позитивен тест на ковид-19 било упатено во Институтот за белодробни заболувања во Козле.

По аплицирана терапија и неможност да се одговори на тежината на клиничката слика на детето кое било со континуирано ниска кислородна сатурација од 64%, а во претходен договор, од Институтот во Козле детето било префрлено на Клиника за детски болести како институција од терцијарен карактер за понатамошен третман и соодветно лекување. Интензивниот мониторинг и лекување на детето во единицата ургентен центар кое од денот на прием било на механичка вентилација, се одвивало од 24.11.2021 до 29.11.2021 година, кога и покрај сите преземени дејствија за лекување и реанимација, завршило летално, соопштија од Институтот за јавно здравје.

Досега во земјата се направени вкупно 1 565 599 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 222 666, бројот на оздравени пациенти е 209 602, на починати е 7879, а бројот на активни случаи изнесува 5185.

Слични содржини