Со демисионирањето на Зоран Заев од претседателското столче во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на „Бихаќка“ , а воедно и од премиерското на „Илинденска“ б.б, завршува една политичка ера на политичар кој својата траекторија ја исцрта од прво кратко пратеничката функција во македонското собрание, потоа долготрајно во три последователни мандати градоначалничката функција во градот Струмица (општински татко), за на крај да ја круниса со најмоќната позиција во државата- прв министер, односно премиер на Владата. По што ќе се памети Заев и неговото владеење во очите на приврзаниците ( членовите на СДСМ), на опозиционерите (членовите на ВМРО-ДПМНЕ), но и генерално меѓу граѓанството?!
Храброст невидена за овие политички простори!
Овој тип на политичар е од тие, кои не оставаат рамнодушност. Многумина го (за)сакаа, и покрај неговото „социјално-роднокрајно потекло“ ( Муртинецот, тезгарот од Горњи Милановац) и слични „епитети“ кои му беа давани, со кои се сакаше да се навреди неговото битие, токму од оние кои пред избори одат по земјоделски краишта, и по пазари ветувајќи им на земјоделците и пазарџиските трговци „брда и долини“ (колку лицемерно звучи тоа), и го прифатија да биде „својствен“ лидер на салонската, скопската, интелектуално-градската партија СДСМ, бидејќи го направи и „невозможното“- го сруши деценискиот режим на братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков, преку „Вистината за Македонија“, презентирајќи аудио-материјали во кои се слушна за ендемските криминали, корупција, и кршење на човековите права, изборните нерегуларности и заробувањето на државата, за кое, реално ви треба натчовечка храброст. И покрај тоа што „чадорот ве штити“.
Затоа пак ја заработи и титулата на најомразен политичар кај членството и симпатизерското гласачко тело на десницата, познато по радикализам и бескрупулозност, за кое во буквална и преносна смисла ќе платеше „со глава“ на 27-ми април во македонското Собрание. Бомбите, Вистината за Македонија, Шарената револуција, изборите на 11-ти Декември, 27-ми Април, беа можеби, едни од најтурбулентните политички времиња во независна и повеќепартиска Македонија кои го донесоа на власт, а неговиот зенит во политичката поддршка, и добивање на легитимитет од страна на граѓаните го доби на локалните избори во 2017-та година, само неколку месеци по преземањето на централната (извршната) власт, после една цела деценија во опозиција на левицата кај нас. На тие избори Заев доби референдумска поддршка од граѓаните, освојувајќи 55 општини, и донесувајќи ја најголемата победа на едни локални избори на СДСМ во историјата на Македонија. Со тоа ја запечати и политичката, веројатно и животната судбина на дотогаш неговиот архинепријател во политиката Никола Груевски, децениски неприкосновен премиер, денеска азилант во Будимпешта.
Серија на несмасни грешки ја стопи референдумската поддршка!
Кога почна падот на Зоран Заев во надолна политичка линија и топењето на неговата поддршка од граѓаните на Македонија?! Па веројатно со самото стапнување на премиерската фотеља, од првиот ден. Во ситуација во која повеќе од една деценија сте во опозиција, и кога ќе срушите таков брутален режим ( со пенкало и крв), една заробена држава, според вордингот и оценките на европската комисија, вие во очите на граѓаните немате право на грешка.
А грешките беа и од повеќе. Особено кадровските, кои продуцираа непотизам, кронизам, а некаде и криминал и корупција. Тука Заев, наместо да расчисти со тие свои кадри и да покаже дека „сите се еднакви пред законот“, даваше несмасни изјави во кои велеше дека „СДСМ и нема други луѓе кои би ги замениле овие функционери “. Баханалиите на „Мира Дизел“ со нејзините патни трошоци, вработувањето на членови на нејзиното најблиско семејство во ЕЛЕМ, бегството на Груевски во Будимпешта, коруптивните тендери на Драги Рашковски, аферата „Рекет“ и пропаста на Специјалното јавно обвинителство, надополнети со пеплосувањето на модуларната болница во Тетово, беа комплот на серија на грешки, кои во изминативе четири години максимално ја стопија поддршката на Заев и неговите најблиски соработници и доведоа до големиот пораз на локалните избори. Надополнето со ароганцијата на некои градоначалници, во прв ред на скопскиот татко Шилегов (Заев ја фрли на коцка својата политичка судбина и иднина со победата/поразот токму на Петре Шилегов во главниот град), резултатите се и повеќе од очекувани, за тие кои ги следеле од страна безпристрасно политичките разврски кај нас.
Во надворешната политика, не толку потпишувањето на Преспанскиот договор ( промената на името за севкупна употреба), донесе толку негативен рејтинг по политичкото CV на Заев и неговата дружина, бидејќи колку и да беше болно тоа преименување, се ефектуираше со наше полноправно членство во НАТО алијансата, колку што последователното вето од соседна Бугарија и блокирањето на европерспективите на Македонија, и молчаливата реакција, односно само декларативната поддршка од ЕУ, го удрија последниот клинец во политичкиот ковчег на овој несвојствено жилав и издржлив политичар за македонски услови.
Се нема право на уште една грешка!
Познавачите на приликите, велат дека токму личната разочараност на Заев од ЕУ, нејзиното неиспорачување на толку фамозниот датум за преговори, можеби е клучната причина за неговото повлекување, бидејќи тој одигрна all in, токму на таа карта- пробив во европските и евроатланските интеграции на Македонија, постигнувајќи два многу тешки, контроверзни меѓународни договори: Преспанскиот со јужниот сосед, и Договорот за добрососедство и пријателство со источниот сосед.
Нејсе, Заев се повлекува од активната политика, после осум и пол годишно водство на СДСМ, и четири и пол години премиер на македонската влада, и ја завршува својата ера на политички и партиски битки. На негово место доаѓа Димитар Ковачевски, веќе избран за нов партиски претседател на владејачката партија, и нов извесен премиер на Македонија. Како ќе се одвиваат политичките разврски во наредната 2022-ра година, и дали ќе има нови предвремени избори како што бара опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, никој не знае, но едно е сигурно: СДСМ се наоѓа пред историски крстопат, со промена на една цела генерација на политичари кои ја одбележаа оваа партија во изминатава деценија и во опозиција и на власт.
Повлекувањето на Царовска, Филипче, партискиот габарит Радмила Шекеринска, со голема веројатност и на Оливер Спасовски и Љубчо Николовски, остава бришан простор за п(р)ојава на нови кадри, кои ќе немаат апсолутно никакво право и на минимална грешка,ниту партиско, уште помалку јавно-функционерски. Доколку сакаат да о(п)станат на власт до редовните парламентарни избори во 2024-тата година, до кога им трае мандатот и го имаат легитимитетот од македонските граѓани, и на тие избори влезат со какви-такви шанси за натпреварувачка неизвесност.
Или во превод: на делегитимираниот СДСМ на овие локални избори , новата екипа на Димитар Ковачевски-Таче, ќе има задача со танталови маки, да му го обели образот и да го врати урнисаниот рејтинг кај критичното граѓанство кое ги казни на овие избори, претходно наградувајќи ги. Времето ќе покаже, за кратко време, кој пат ќе го фатат социјалдемократите, тој кон амбисот, или кон целосна консолидација и внатрепартиско и политичко закрепнување.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот