Претседателот на Собранието, Талат Џафери смета дека до 10 или 11 јануари во Собранието би стигнал предлог-составот на новата влада, како и програмата.
-15-ти или 16-ти јануари да се одржи дебата, која би траела два дена. Вториот ден на 16-ти да се изгласа нова влада, која веднаш следниот ден од изутрина би ги преземала функциите во Владата и со сите овластувања што произлегуваат од изборот, вели Џафери и додаде дека нема да го чека крајниот рок од 15 дена за свикување на Собранието, туку веројатно ќе закаже седница за првиот постпразничен викенд.
Џафери на денешната прес-конференција информира и дека во 2021 година се донесени вкупно 209 закони, од кои по редовна постапка се донесени 111, а по скратена постапка се донесени 79. Вкупно 188 закони се поднесени од Владата, 21 се поднесени од пратеници во Собранието, донесени се и 21 закон за ратификација на договори помеѓу Република Северна Македонија и други земји.
Димитар Ковачевски синоќа доби доверба од Централниот одбор на СДСМ да ја предводи Владата. За утре во 13:00 часот е предвидено примопредавањето на мандатот од страна на претседателот Стево Пендаровски.