На Водно не се гради, туку се оградува плац, велат од општина Центар

од Nikola Popovski
326 прегледи

Секторот за инспекциски работи на Општина Центар, постапувајќи по допрен глас излезе на улицата „Питу Гули“ и околината, за наводен почеток на градежните работи на Водно.

Од Општината информираат дека барањето за одобрение за градба било доставено на 17 декември 2020 година, а дека градежната дозвола била издадена на 7 април 2021 година и тоа дека била „потпишана од поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ“.

-По извршениот увид од страна на овластен градежен инспектор, постапувајќи по Законот за инспекции, утврдено е дека инвеститорот, Маркеза ДООЕЛ не врши градежни дејствија, туку се работи за оградување на плацот, кој е во негова приватна сопственост.

Општина Центар ќе изврши консултации со засегнатите страни и дополнително ќе се разгледа проблемот и заедно со надлежните институции, Градот Скопје и во соработка со жителите ќе се бара решение за состојбата во овој дел од општината, стои во соопштението.

На хартија, имотот е на компанијата „Маркеза“ и за локацијата имаат добиено одобрение за градба.

Советничката група на „Шанса за Центар“ бара итно да се запрат сите градежни активности на Водно.

„Се води судски спор „Плацови на Водно“, со кој се истражува и преиспитува законитоста па постапките за продажба на земјиштето. Со тоа бараме да не се преземаат никакви активности во подрачјето, сѐ до правосилно завршување на судскиот процес“, велат од Советничката група.

Сето ова, продолжуваат, е во прилог на заштита на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, кои се загрозени од сечата на шумата и градењето.

Слични содржини