Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски упати видео – честитка до граѓаните по повод новогодишните празници.
-Зад нас ја оставаме 2021 година. Година на општествено закрепнување од коронавирусот, на масовна вакцинација, но и година на економско опоравување. Деновиве, кога луѓето, домовите, се исполнети со надеж и верба, мотивирани влегуваме во новите почетоци, да продолжиме посветено во реализација на целите пред нас. 2022 година ќе биде година на нови предизвици, особено во делот на енергетиката и пандемијата со коронавирусот, но ќе биде и година на нови заеднички успеси на општествен, социјален и пред се економски план, вели Ковачевски во видео – честитката.
Фокусот, посочува тој, ќе биде на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните, но и на исполнување на стратешката цел – членство во ЕУ.
-Со фокус на економијата, ефикасност на институциите, одговорност и чесност да го подобриме животниот стандард на граѓаните. Минималната плата мора да продолжи да расте, а со неа ќе растат и просечната плата, пензиите, додека невработеноста и натаму ќе опаѓа. Тоа ќе го постигнеме со одговорна и посветена работа, заедно со мојот тим и заедно со вас граѓаните. Нашата заедничка иднина е иднина во ЕУ и нема да се откажеме од тој стремеж, ќе работиме за исполнување и на оваа стратеша цел, вели Ковачевски.
Тој повикува 2022 да биде и година на сплотеност и заедништво.
-Нека 2022 година биде година на сплотеност и заедништво. Зад нас да ги оставиме поделбите и деструкциите. Здружени во сегашноста, за да не останеме поделени во иднината. Заедно да го чуваме и градиме нашиот заеднички дом – Република Северна Македонија. Нека е среќна новата 2022 година, ви посакувам добро здравје, мир и спокој во празниците што претстојат, стои во честитката од претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.