Шефот на СЗО: Ако ставиме крај на нееднаквоста, ќе ставиме крај на пандемијата (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
361 прегледи

Во новогодишната порака, лидерот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус изрази надеж дека пандемијата во 2022 година може да заврши, велејќи дека светот има „алатки за ставање крај на пандемијата“, иако бројот на нови случаи во светот достигнува нови рекорди.

Но, оптимистичката објава на генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, објавена на LinkedIn, дојде со предупредување: „Колку подолго трае нееднаквоста, толку подолго ќе трае пандемијата“.

– Две години по почетокот на пандемијата, алатките на располагање за борба против Ковид-19 сè уште се нерамномерно распределени низ светот. Во Африка, три од четири здравствени работници не се вакцинирани, додека луѓето во Европа и САД добиваат трети дози. Тој јаз ги зголеми шансите за појава на нови варијанти, затворајќи не во циклус на континуирани загуби, тешкотии и ограничувања – напиша Тедрос.

– Ако ставиме крај на нееднаквоста, ќе ставиме крај на пандемијата и ќе ставиме крај на глобалниот кошмар што сите го доживеавме. И тоа е можно – додаде тој.

Како дел од неговите новогодишни резолуции, шефот на СЗО рече дека ќе работи со владите за да се даде приоритет на испораката на вакцини на глобалните иницијативи како што се COVAX и AVAT, со цел да се вакцинираат 70 отсто од луѓето во сите земји до средината на 2022 година.

– По две години сега добро го познаваме овој вирус. Знаеме докажани мерки за контрола на преносот: користете маски, избегнувајте гужви, одржувајте физичко растојание, практикувајте хигиена на рацете и дишните патишта, отворете ги прозорците за вентилација, тестирајте и следете ги контактите. Знаеме како да ја третираме болеста што ја предизвикува и како да ги подобриме шансите за преживување на луѓето кои страдаат од сериозна болест. Со сите овие знаења и капацитети, можноста да ја претвориме оваа пандемија на подобро е во наши раце – напиша првиот човек на СЗО.

Пораката на Гебрејсус беше објавена и на каналот на СЗО на Youtube.

Слични содржини