Џафери: Очекувам коректна комуникација со Ковачевски

од Nikola Popovski
213 прегледи

Од мандатарот и иден премиер Димитар Ковачевски, спикерот Талат Џафери очекува коректна комуникација како од времето кога беше заменик министер, но сега, вели, во рамки на надлежностите како претседател на Влада.

– Јас мислам дека нема да има проблем во таа комуникација, ниту од негова, ниту од моја страна, затоа што нема причина тоа да не биде така, вели Џафери во интервју за МИА.

Во однос на тоа дали зголеменото парламентарно мнозинство ќе придонесе за поголема ефикасност на Парламентот, спикерот нагласува дека Собранието е сочинето од 120 пратеници, без оглед дали се мнозинство или опозиција, и одговорноста е на сите, но додава, ќе биде полесно да се организира работата на Парламентот од аспект на обебзедување кворум.

-Мнозинството е одговорно да организира и да биде на работа во смисла на она што е процесот на работа на пленарна седница. Опозицијата не може да одбегне дел од одговорноста по однос на работата на пленарните седници, затоа што сите ние сме избрани од граѓаните и овде сме 120 пратеници. Несогласувањата со определени предлози од мнозинството, опозицијата треба да ги искаже на пленарна седница или на комисија, а мора да се има предвидливост на почетокот и крајот на она што е законодавен процес. Одговорноста на мнозинството е во моментот кога се одлучува за определени прашања да обезбеди кворум. Секако ова мнозинство сега со 64 пратеници наспроти претходното, во секој случај дава можност да се има простор евентуално, ако некој од пратениците не е во состојба да присуствува во Собранието во момент на одлучување, да се има простор за планирање на работите, нагласува Џафери.

Слични содржини