Стоилковски: Ковачевски да го исклучи Ралев од ИО на СДСМ или професорот да си поднесе оставка од позицијата декан

од Nikola Popovski
368 прегледи

Димитар Ковачевски незаконски именувал декан на факултет во партиските тела на СДСМ, со што директно го прекрши Законот за високото образование, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Според него, Ковачевски уште не дојден на позицијата премиер, во стилот на својот наредбодавец Заев, почнал со кршење на законите.

„Пионот на Заев, Димитар Ковачевски, во својот ИО го сместува Мишко Ралев, професор, декан на Факултетот за архитектура и дизајн. Со тоа прекршен е Законот за високото образование на Република Македонија, закон донесен во 2018 година во владеење на СДСМ. Ова зад мене е дел од законот, член 114, став 3 е дециден – вршењето на должноста декан и продекан е неспоиво со вршење друга јавна функција или функција во политичка партија. ИО на СДСМ е највисокото партиско тело во една политичка партија. И пионот на Заев, Ковачевски, но и деканот Ралев, одлучил да го прекрши Законот за високо образование“, рече тој.

Нагласи дека бараат пионот на Заев, Ковачевски, како што го нарече, да го исклучи Мишко Ралев од Извршниот одбор на СДСМ или, пак, Ралев да си поднесе оставка од позицијата декан.

„Истовремено, по ваквото именување, но и прифаќање на Ралев да биде дел од Извршниот одбор на СДСМ, со што го крши Законот за високото образование, очекувано е тој да се повлече од функцијата во високото образование. Сѐ поинаку е доказ за натамошна партизација, тонење во хибриден режим, тонење во заевизмот“, истакна Стоилковски.

Слични содржини