Изведувачите, озвучувањето и осветлувањето за прославата не се ангажирани од нас, велат од Град Скопје

од Nikola Popovski
326 прегледи

Концептот на прослава на Нова година со македонски изведувачи се покажа како успешен. Овој концепт ќе биде дел од следните новогодишни прослави, со целодневна програма и со значително помалку средства од што досега биле користени од градскиот буџет за оваа намена, соопштуваат од Град Скопје, како реакција на прес-конференцијата на СДСМ.

Како споредба, од градот навеудваатт дека само за 2020 година биле планирани околу 140 илјади евра за настап на две групи, една од Косово и една од земјава.

-Претходната 2019 со Дино Мерлин се потрошени над 154 илјади евра средства од градскиот буџет под сомнителни околности за што веќе Комисијата за справување со корупција има отворено случај за злоупотреби.

Оваа година токму поради потрошениот буџет од претходното раководство и лошото планирање, Градот Скопје беше ставен пред голем предизвик дали воопшто ќе може да се организира прослава за новогодишната ноќ. Прославата беше овозможена поради активирањето на неколку општествено одговорни компании што се понудија да ја организираат манифестацијата. Средствата за дочекот се директно платени на изведувачите и Градот Скопје нема никакви финансиски импликации од новогодишната прослава на градскиот плоштад. Изведувачите, озвучувањето и осветлувањето не се ангажирани од Град Скопје, велат од Градот.

Од таму ги повикуваат советниците на СДСМ од Град Скопје „да престанат со континуираните секојдневни напади и политички пресметки и наместо да се занимаваат со конструкции и шпекулации, за настани кои немаат никакви финансиски импликации на работата на градот да ја насочат својата енергија кон конструктивни идеи за проекти што ќе значат подобар живот на скопјани“.

Советникот во Советот на Град Скопје од редовите на СДСМ, Мартин Попов денеска упати неколку прашања до градоначалничката Данела Арсовска.

-Дали има пари за коалициските партнери на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ?

Дали фирмата на кандидатот за градоначалник Петар Георгиевски Камиказа, КЛС, била ангажирана околу озвучувањето на новогодишната прослава на градскиот плоштад?

Колку пари чинел ангажманот на КЛС за новогодишната прослава или дали е тоа донација?, изјави Попов.

Слични содржини