Прво формирање на новата македонска влада, па потоа интензивирање на билатералните односи со Бугарија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи на стартот на новата година оптимист дека по средбата со новиот бугарски премиер Кирил Петков, можни се конструктивни разговори кои ќе ја вратат довербата за брзо деблокирање на процесот.
-Очекуваме конструктивни разговори со новата Влада во Република Бугарија, враќање на довербата, разговор по однос на суштинските прашања што ги имаме на маса и брзо деблокирање на процесот. И тоа е за нас најважно, рече Османи.
На средбата помеѓу бугарскиот премиер Кирил Петков и македонскиот Димитар Ковачевски ќе се утврди динамиката на разговорите.
Ова го најави Петков за БТВ. Тој зборуваше дека добрососедството е услов за напредок и очекува компромис. Посетата на Петков во Македонија се планира за крајот на месецов.
„Кога имате таква една рамка, за мислење за тоа што сите можеме да добиеме од добрососедството се надевам дека и компромисите по темите кои бугарската Влада ги чека од македонската држава, ќе бидат примени по полесен и подобар начин“, вели Петков.
Потпретседателот на Народното собрание на Бугарија и поранешен шеф на бугарската дипломатија, Кристијан Вигенин, на Фејсбук напиша дека коалицискиот договор за владеење меѓу „Промената продолжува“, БСП, „Има таков народ“ и Демократска Бугарија има јасен став за европската перспектива на Република Северна Македонија.
Според Вигенин, одржувањето на широк политички договор и соработка меѓу институциите во земјата е клучот за успешна одбрана на бугарскиот интерес. Тој смета дека Советодавниот совет за национална безбедност свикан од претседателот на Бугарија е добра можност да се добијат нови информации и да се споделат политичките ставови за следните чекори.
На крајот од својот пост, Вигенин заклучи дека секој збор е важен, и затоа се надева дека импровизираните изјави во оваа фаза ќе бидат сведени на минимум за да не се создаде лажна претстава за пукнатини во позицијата на Бугарија или меѓу коалиционите партнери.
Прво САД кои толку инсистираат на членство на Македонија во ЕУ, да ја стават Бугарија на листата земји чии граѓани без визи ќе може да патуваат на нивна територија, па Бугарија да стане полноправна членка на шенген зоната на Европската Унија, дури тогаш, Македонија ќе може да стане членка на ЕУ, смета Слави Трифонов, новинарот кој влезе во политичка кариера во Бугарија, лидер на парламентарната партија Има таков народ.
„Бидејќи Американците толку многу сакаат Северна Македонија да е во Европската Унија, нека на граѓаните на Бугарија, како и на граѓаните на повеќето земји во Европската Унија, не им треба визи за да одат во Америка. Односно, ние сме полноправна членка на ЕУ и бугарските граѓани, бидејќи се Европејци, треба да не им требаат визи за да одат во Америка.
И второ, повторно, бидејќи сме полноправна членка на Европската Унија, Бугарија мора веднаш да стане членка на Шенген зоната. По чекање, чекање и ние треба да бидеме Европејци. Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци. Значи барам веднаш да нема визи за Америка и за членките на Шенген зоната.
Штом САД и ЕУ сакаат да бидеме лојални партнери, добро, но лојалноста е двонасочна. Ние ќе им бидеме лојални, но тие нека ни бидат лојални. Ова е фер. И така е правилно.
Под овие услови, и доколку Македонците, извинете – Северномакедонците, ги исполнат нашите услови потпишани во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, можеме да го започнеме преговарачкиот процес за прием на Северна Македонија во Европската Унија, вели Трифонов.