По добивањето на мандатот новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека тоа за него преставува чест и одговорност, најавувајќи дека ќе формира „нов тим луѓе кои треба да одговорат на сериозните предизвици кои не чекаат од почетокот на следната година“.
Тој посочи дека сме соочени со долгогодишни проблеми и дека затоа се потребни стабилни, храбри и одговорни луѓе кои, како што рече, ќе понесат одговорност, да се соочат и да ги надминат сите препреки со цел заштита и грижа за граѓаните и најави дека новата влада ќе има јасна цел, обезбедување сигурност, подобар живот и иднина за граѓаните.
– За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што ќе биде одлика на тимот кој јас како мандатар ќе го составам, нагласи Ковачевски, најавувајќи дека ќе се залага да се врати довербата на граѓаните во политиката и во институциите и ветувајќи независни институции и правично општество.
Ковачевски планира Владата да ја предложи околу 10-11 јануари, односно во пократок рок од уставно предвидениот.
Од она што е извесно од актуелните министри од СДСМ- заминуваат Венко Филипче а на негово место доаѓа Беким Сали од Алтернатива, додека пак се уште не е познато кој ќе ги замени Радмила Шекеринска и Мила Царовска.Неизвесно е дали во тимот на Ковачевски ќе има место за Љупчо Николовски, Благој Бочварски, Јагода Шахпаска и Ирена Стефоска.Неофицијално медиумите информираат дека НСДП би ја добило министерската позиција во труд и социјална политик.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека согласно целата постапка за избор на нова влада, гласањето за нејзин избор би било на 16 јануари, а таа би ја преземала функцијата на 17 јануари. За да биде избран, за предложениот владин кабинет на Ковачевски треба да гласаат најмалку 61 пратеник во Парламентот. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.