Потпретседателката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска во интервју за ТВ 24 изрази надеж дека опозицијата ќе смогне сили и ќе се откаже од намерата да ги блокира законите кои оваа Влада ги предлага, се со цел да може да се делува и работи онака како што треба да функционира државата.
-Она што морам да го напоменам е дека бројката е навистина голема, но она што е уште поважно е дека се блокирани голем број закони, кои навистина се за доброто на граѓаните, истакна Костадиновска Стојчевска.
Таа наведе дека е блокиран законот за наставници, односно за трансформација на работниот однос на околу 4.000 наставници, кои треба да преминат на неопределено време, односно да се реализира заложбата на СДСМ политиката да излезе надвор од образованието.
-Блокирани се закони кои што се предложени од нашите коалициони партнери, блокиран е законот за лична карта, блокирани се закони кои што се во усогласувања со законите на ЕУ кои што не предвидуваат ништо друго освен со усогласување со европските закони, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа нагласи дека законите се блокирани на најразличен начин, од поднесување на многу голем број на амандмани, до злоупотреба на процедуралните забелешки кои што траат до недоглед, а од друга за оваа година и речиси шест месеци се организирани толку јавни расправи, колку што не се организирани за 11 години на ВМРО-ДПМНЕ.
-Мислевме дека по фијаското на опозицијата за ново мнозинство ќе сфатат дека пратениците, институциите и граѓаните имаат иста цел земјата да биде членка на ЕУ, да оди напред ќе престанат да блокираат, но тие повторно ги блокираа измените на законот за надворешни работи, потребни поради нашето претседавање со ОБСЕ, рече потпретседателката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска.