Укинувањето на евтината дневна тарифа беше неизбежно, затоа што на долг рок беше неодржливо. Во време на енергетска криза, државата дневно, тие 2 часа евтина тарифа ја чинеа 100 илјади евра, вели првиот човек на Регулаторната Комисија Бислимовски за Сител.
-Купуваме за 15 денари, плус маржа 2 денари, значи 17 денари, а ја продаваме на крајните потрошувачи за 3,5 денари, тоа е разлика од 13,5 денари или 100 илјади евра дневно, изјави Бислимовски.
Веќе се прават измени, кои ќе стартуваат од 1 јули – побогатите да плаќаат повисоки сметки за струја. Моделот на скалесто плаќање се подготвува.
Бислимовски уште еднаш потврди дека струјата поскапе за 9,48%, обвинувајќи ја опозицијата дека шири невистини дека вистинското зголемување ќе биде 15%.
-Намерно се предизивикува стрес кај граѓаните. Од почетокот бевме отворени и презедовме чекори со цел струјата да не предизвика ценовен шок. Затоа повторувам дека цената на струјата ќе се зголеми за 9,48%. Секое домаќинство си има различна просечна цена на потрошувачка. Би ја замолил само опозцијата да се држи до факти. Бев обвинуван за изјави од 2017 година, а сум претседател на РКЕ од јуни 2018 година. Само барам да не кажуваат лаги и невистини, а друго е нивно и можат да си коментираат, рече Бислимовски.