Не гледај нагоре – кратко упатство за здраворазумски пристап кон пандемијата

од Vladimir Zorba
812 прегледи

За оние кои се уште не го гледале контроверзниот филм на Адам Меккеј „Не гледај нагоре“ препорака да ги искористат празниците да го направат тоа. Оваа ингениозна алегорија за глобалната климатска криза совршено го опишува актуелниот информациски хаос кој парализира било каков обид за колективна акција за спречување на претстојната катастрофа.

Оригиналниот агол на најновата холивудска варијација на апокалипсата се состои во критиката кон забавно-ориентираната медиумска индустрија и длабоката идеолошка поделба на јавното мислење, два феномени кои се тесно поврзани и се меѓу главните фактори за вртоглавиот интелектуален и морален пад на денешницата. Како вистинска сатира, пораката на филмот е спротивна на неговото име: објективно да ги спознаеме цивилизациските закани и рационално да се соочиме со нив, наместо да ги игнорираме или интерпретираме онака како што ни одговара.

Но „Не гледај нагоре“ прави суптилни паралели и со ковид кризата. Оние кои го гледале бездруго ќе се согласат дека главната улога на Леонардо Дикаприо е слика и прилика на Венко Филипче – висококвалификуван експерт кој подлегнува на медиумската селебритизација, надоместувајќи го сопственото соучество во политиките на некомпетентната политичка елита со пет минути слава.

Но во овој случај, името на филмот можеби треба да се сфати буквално. Можеби реисот Сулејман Реџепи беше во право кога го прогласи Ковид за „умрено”, иако знаеше дека не е. Можеби објективното спознание и рационалното соочување, кога станува збор за ковид, е токму игнорирањето, односно одбивањето да се прифати како централен, дефинирачки елемент на животот.

Не би сакал ова да биде сфатено како конспиративен, антиваксерски дискурс. Лично сум вакциниран и верувам дека вакцината во голема мера му помага на телото да се избори со вирусот. Верувам и дека вакцините против ковид немаат поголеми негативни ефекти од вакцините против било која друга болест, и дека не претставуваат никаков експериментален третман, со оглед на тоа што имаат поминато низ сите фази на тестирање пред лансирањето.

Но исто така, верувам дека како општество дојдовме до точката во која фанатичната кампања за вакцинација создава повеќе штета отколку корист. Најпрвин, веќе и на најдогматските поддржувачи на имунизацијата им е јасно дека вакцините не се ни приближно толку ефикасни колку што беше најавено на почетокот. Колку од ова е инхерентна фабричка дефициентност во самото фармацевтско производство, а колку недостаток на координација на глобално ниво (т.н. вакцинален национализам), кој овозможува нови и нови мутации на вирусот, веќе не е ни битно.

Она што е битно е да признаеме дека вакцината не значи целосно искоренување на заразата. Поаѓајќи оттаму, можеби е време да се престане со демонизацијата на скептиците како себични конспиративци, и следствено, со грубиот притисок за вакцинација, проследен со уцени и исклучување од општествените текови. Психологијата и комуникологијата потврдуваат дека ваквата стратегија никогаш не вродува со плод и само создава поголем отпор кај оние за кои е наменета.

Во суштина, токму ваквото црно-бело посматрање на проблемот не доведе до оваа точка, во која јазот меѓу двете групи е толку голем што преминува во тотална омраза. Ваквиот антагонизам е карактеристичен во процесот на формирање на социјални идентитети, каде повеќе не се работи за ставови базирани на рационална калкулација, туку прераснува во перцепција за себеси, и припадноста на некаква поголема кауза, чие значење потоа автоматски се разгорува во секоја нова прилика.

Случајот со Новак Ѓоковиќ е кулминацијата на оваа лажна дихотомија на про и анти ваксерство како групен идентитет, кој ако продолжи да се развива со досегашното темпо ќе добие таква манихејанска и судбоносна димензија, што може да доведе до длабок социјален конфликт, кој ќе премине во откажување на лојалност и солидарност кон сопствените сограѓани, како основа на општествениот договор, и потоа неминовно ќе резултира со сериозни немири и насилство.

Како да ја запреме оваа снежна топка што се повеќе се зголемува како што се тркала надолу и води кон глобална граѓанска војна? Мораме да престанеме да гледаме „нагоре“ – кон медиумите, некомпетентните лидери, кон фармацевтското лоби и глобалниот бирократски апаратус. Но исто така, мораме да престанеме да гледаме и во Нолевци, Гоџовци и слични уфилмани херои против големиот заговор. Во битката меѓу глупавите и лудите, нормалните се дезертери.

Што значи ова на институционално ниво? Дека е доста од броење на случаи, доста е тестирање со ригидни позитивни или негативни резултати, и доста е ригорозни мерки за карантини, непристапност и што уште не. Две години живееме во оваа реалност и веќе доволно знаеме како да се однесуваме во контекст на вирусот.

Патронизирачкиот однос и од едните и од другите само иритира и заморува. Тие кои досега не се вакцинирале, секако нема да ги натераме да се вакцинираат навреме за да ја победиме пандемијата. Наместо маски, сертификати, ковид пасоши, забранет пристап во молови и кафани, доволно е само да се постави како правило предноста на вакцинирани во однос на невакцинирани ако дојде до потреба за укажување медицински услуги. Успешните инсентиви се обично тивки и ненаметливи.

За крај, на самиот почеток на пандемијата се надевав дека пандемијата ќе биде катализатор на едно големо будење и отфрлање на стегите на овој неправеден систем. Се случи спротивното: луѓето се свртеа едни против други, продолжувајќи ги сите апсурдни практики на модерното општество. Судејќи по покорноста на мнозинството, и барањата на „слободарското” антивакс движење (предводено од Ноле) за обично враќање на претходниот статус кво, без никаква амбиција за нешто повеќе, пандемијата нема да води кон никаква револуција.

Ако веќе мора да биде така, барем да не ги правиме работите полоши. Во сегашниот информациски контекст, секој ден сме на удар од анксиозност, параноја, депресија, психоза. Здравствените аспекти на идентитетската војна се исклучително потценети во однос на билансот од заболени од корона. На овој начин, само ќе ги потрошиме силите пред да дојде најголемиот предизвик во историјата – климатскиот колапс.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини