Еве неколку природни лекови за кашлица кои се прифатени како ефективни:
Мед. Може да се каже дека медот е најпопуларното и најефикасното средство за ублажување на кашлицата. И медицинските експерти се согласуваат дека консумирањето на мед пред спиење ја намалува кашлицата и го подобрува спиењето.
Внимание! Никогаш не му давајте мед на дете помало од 1 година.
Топла лимонова вода со мед. Во чаша со топла вода исцедете еден лимон и додајте една голема лажица мед. Ова е популарен природен лек и за болно грло.
Сируп од кромид и шеќер. Сокот од кромид е популарен лек против кашлица. Многумина тврдат дека тоа е единственото нешто што им помогнало да се ослободат од сувата кашлица. Еве како да го приготвите:
Отсечете го дното на една главица црвен кромид. Потоа, отсечете го и врвот и издлабете го кромидот така што ќе направите дупка без да го пробивате дното. Наполнете ја главицата со 2-3 лажички шеќер.
На дното со нож со остар врв направете мали убоди, поставете ја главицата над филџан или чаша и оставете ја преку ноќ. Во текот на ноќта шеќерот ќе се топи, а во филџанот ќе истече мало количество сок од кромид.
Утрото земете го преостанатиот шеќер кој стоел во главицата и измешајте го со исцедениот сок. Испијте ја течноста. По желба, можете да засладите и со мед.
Така приготвениот сируп всушност и нема толку лош вкус како што би си помислиле. Пијте ваков сируп по двапати дневно.
Сируп од кромид, лук, мајчина душица и мед. Измешајте половина шолја мед со половина шолја вода и во таа течност додајте една главица издробен кромид и една главица издробен лук. Додајте малку мајчина душица и оставете ја смесата да стои преку ноќ. Наредниот ден исцедете ја течноста и пијте ја како сируп. Складирајте го сирупот во фрижидер.
Варен кромид и мед. Во длабок сад варете крупно исечен кромид додека не омекне. Извадете го кромидот и измешајте го со мед. Јадете по малку на секои 4 часа.
Чај од мајчина душица или босилек. Чаевите од мајчина душица и босилек исто така ја смируваат кашлицата, а за максимален ефект, додека се топли во нив додајте и по една лажица мед.