Поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија и пратеничка од опозициската ГЕРБ во бугарскиот парламент Екатерина Захариева го критикуваше претседателот Румен Радев поради свикувањето на Советодавниот совет за национална безбедност за Северна Македонија.
Захариева за БНТ изјави дека Советодавниот совет за национална безбедност не бил свикан од претседателот две години, што, според неа, е во спротивност со законот. Захариева смета дека Радев требало да го свика Советот за најмалку четири теми – како што се кризата со Ковид, инфлацијата, кризата со цената на енергијата и конфликтите меѓу Русија, Украина и она што се случува во Казахстан. Според неа, тоа се многу поважни теми од Северна Македонија.
Екатерина Захариева беше категорична дека не гледа закана за националната безбедност на Бугарија од Република Северна Македонија, освен, како што наведе, ако само претседателот Радев гледа закана.
Радев за денеска свика состанок на Советодавниот совет за национална безбедност. Како што соопшти прес-службата на претседателот, темата е „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Улогата на Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: Република Северна Македонија и Албанија“.
Премиерот Кирил Петков пред Народното собрание на Бугарија деновиве изјави дека ставот на Бугарија за преговарачкиот процес за Република Северна Македонија не е променет, туку ќе биде надграден со работа на пет работни групи за изнаоѓање решенија за прашања како што се инфраструктура, економија, историја и култура.