Захариева тврди дека е подобро без граници меѓу Македонија и Бугарија: Измените на Уставот не се голема работа

од Nikola Popovski

РС Македонија мора да ги спроведе потребните реформи и да ги исполни условите доколку сака да започне преговори за влез во Европската унија, смета заменик-претседателката на ГЕРБ и поранешна шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева во изјава за БГНЕС.

Захариева истакнала дека „македонските соседи и пријатели не треба да се плашат од промените“.

Измената на Уставот на РСМ не е голема работа. Бугарите се дел од реалноста во РСМ и тоа мора да се прифати, потенцирала поранешната министерка.

Таа е категорична дека е корисно за двете земји да отворат нова страница во односите.

И Софија и Скопје губат од лошите односи. Многу е подобро да немаме граници меѓу нас и да се развива бизнисот. Важно е луѓето да можат слободно да се среќаваат и да комуницираат без страв, рекла Захариева.

Таа потсетила дека за сето ова да се случи Скопје мора да ги исполни условите од преговарачката рамка со ЕУ.

Мора да се прекине дискриминацијата врз Бугарите, како и неодамна зачестените случаи на физичко и вербално насилство. И сето тоа е добро за РСМ и граѓаните на оваа држава, за тие самите да се чувствуваат добро во својата татковина, а не да се иселуваат, повикала Захариева.

Во петок во Собранието треба да почне пленарната седница за уставните измени. Постапката е веќе почната со тоа што на 25 јули, Комисијата за уставни прашања ја изгласа потребата за носење на уставните измени и заклучоците ги проследи до Собранието.

На 18 август, Собранието најнапред треба да го изгласа дневниот ред со единствена точка – Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија за што се потребни 61 глас. Потоа се пристапува кон претрес по предлогот.

Слични содржини