Богдановиќ: Димитриевски е поголема грешка за СДСМ отколку Тито Петковски во 2006

од Nikola Popovski

Максим Димитриевски во 2024-та година е поголема грешка за СДСМ отколку Тито Петковски (НСДП) во 2006-та, смета екс-градоначалникот од редовите на СДСМ и поранешен функционер во партијата, Саша Богдановиќ околу ефектот на партијата ЗНАМ врз изборниот резултат на СДСМ во првиот круг од претседателските избори.

Богдановиќ во разговор за „Локално“ истакнува дека секое едно делче кое ќе се отргне од едно тело е проблем, а тука гледаме дека добар дел на стари и искусни кадри се имаат отргнато од СДСМ и приклучено кон ЗНАМ. Како што вели, штетата е огромна.

Според поранешниот градоначалник на општина Центар, проблемот е направен од порано кога, како што вели, му се дозволи на Димитриевски да отиде како независен кандидат за градоначалник на Куманово.

-Требаше да постигнат договор тогашното раководство и Максим за тоа да не се случи. Од тогаш на наваму ги гледаме резултатите посебно во Куманово кој секогаш бил бастион на СДСМ. Станува збор за млада почитичка сила која е во налет и која поставува барања кои многу луѓе сакаат да ги чујат, оценува Богдановиќ.

На прашањето дали може да се очекува уште поголем одлив на гласачкото тело на СДСМ кон ЗНАМ, соговорникот истакнува дека партијата на Димитриевски е млада партија и е во налет, пред се собирајќи ги луѓето незадоволни од некои политики досегашни и пред се приближувајќи кон себе искусни сегашни и поранешни кадри од СДСМ кои имаат свој углед во околината и општеството.

-Од ЗНАМ ќе има големи очекувања, дециден е Богдановиќ.

Како што додава, ЗНАМ со освојување на 10-тина пратеници на парламентарните избори ќе стане значаен почитички фактор кој што, според него, ќе одлучува за судбината на владата во иднина, но и за тоа какви политики ќе има Македонија во иднина.

-За одредени клучни прашања имаат цврсти ставови кои се различни од ставовите на СДСМ, ни рече Богдановиќ.

Препукувања меѓу довчерашните сопартијци

Градоначалникот на Куманово по изборните резултати оцени дека во македонскиот политички блок е родена третата политичка сила која ја испишува новата политичка историја. По парламентарните избори на 8 мај, тој смета дека неговото движење ќе стане политички фактор на стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада.

Евидентно е дека добар дел од гласовите на СДСМ се одлеаа на контото на нивниот довчерашен сопартиец.  Димитриевски вчера од Пелинце се обрати до својата довчерашна партија и нејзиното раководство.

-Истите тие коишто дозволија да се отвараат бугарски клубови кои го содржат името Ванчо Михајлов во текот на нивниот мандат и ја згазија не само социјалдемократијата, туку и илинденските и асномските левичарски вредности и принципи, не обвинија дека сме човек партија. Нивната ароганција е ненадминлива. Ова раководство на СДСМ, со овој арогантен пристап ја доведе партијата до историски најслабиот резултат. Не само што ја навредија ЗНАМ, лично мене, навредија и уште 84 илјади граѓани кои го дадоа својот глас за движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија, кажа кумановскиот градоначалник.

Димитриевски и неговата поранешна партија овие два дена се во отворен судир откако лидерот на Движењето ЗНАМ вчера испорача неколку барања до СДСМ како услов за евентуална коалициска соработка, што партијата, односно нејзиниот лидер Димитар Ковачевски ги одбија уште истиот ден. Од СДСМ го обвинија дека ги договара идните чекори за соработка со оваа партија и поддршка на нивниот претседателски кандидат, Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од изборите за шеф на државата.

Tрите услови на Димитриевски до актуелното раководство на неговата довчерашна партија, доколку сакаат евентуална соработка по изборите на 8 мај, се: прво, раководството на СДСМ да поднесе комплет неотповикливи оставки од сите можни функции во партијата. Второ, носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да  прифатат пратенички мандати, и истите ќе ги преземат сите кандидати коишто следуваата на листите по нив. Трето, да се обврзат дека ниту тајно, ниту јавно нема да продолжат да заговараат соработка со сегашното ДУИ, за навистина, а не само формално, туку и суштински со пример, да покажат дека ја примиле вистински пораката на граѓаните и постапиле веднаш по истата, наведе тој.

Од СДСМ категорично одбија, порачувајќи дека не прифаќаат уцени и поделби на партијата.

Н.П.

Слични содржини