Унгарски новинар за „Локално“: Се очекуваат катаклизмични промени во внатрешната и надворешната политика на Будимпешта

„Орбан придонесе за зајакнување на европското единство со својата проруска политика и постојаната употреба на вето, на новата унгарска влада ќе ѝ биде тешко да направи повеќе за Европа“, порачува Хорват

од Nikola Popovski
47 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Klubrádió

Очекувам проевропски, проинтегративни политики и поддршка за Македонија за членство во Европската Унија, рече денеска во изјава за медиумите премиерот Христијан Мицкоски и му честиташе на Петар Маѓар победа на парламентарните избори во Унгарија. За екс-премиерот Никола Груевски не сакаше да коментира, само истакна дека тоа е одлука на унгарската држава и додаде дека за повеќе информации медиумите може да се обратат кај министерот за правда.

„Најпрво сакам да му честитам на Петар Маѓар. Ние имавме блиска соработка со Орбан, но граѓаните јасно ја дадоа поддршката на Маѓар. Очекувам да води про-европски политики, про-интегративни и очекувам поддршка за членство во ЕУ на регионот, вклучително и на Македонија“, истакна премиерот.

Изборите во Унгарија се следеа со глобален интерес, а победата на Маѓар се очекува да има значително влијание врз целокупните политички случувања во Европската Унија.  За овој изборен успех, атмосферата во неговата земја, но и за понатамошните насоки на дејствувањето на Маѓар и до кој степен можеме да очекуваме пресврт во надворешната политика на Унгарија, „Локално“ разговараше со унгарскиот новинар и еден од уредниците на медиумот „Nepszava“, Габор Хорват. Според него, расположението е со голема надеж, иако поддржувачите на Виктор Орбан веројатно нема да го делат општиот ентузијазам на своите сонародници. Вели дека се има голема очекувања, дел од тоа веројатно е нереално, но луѓето главно го ценат крајот на културата на омраза и воени закани.

-Исто така, постои експлицитно олеснување дека руското влијание е завршено, посочува Хорват во разговор за „Локално“.

Запрашан како дојде до голема победа на Тиса и двотретинско мнозинство, односно дали на народот му дојде преку глава од лошата домашна политика, односите со ЕУ или врските со Русија, соговорникот истакнува дека можеби поради сето наведено, но слабата економија и жалната состојба на здравствениот систем исто така не помогнале.

-Исто така, шеснаесет години се навистина доволни дури и за најдобрата можна влада, иако идеите на Орбан за светот не се совпаѓаа баш со оние на Мајка Тереза, оценува Хорват.

За очекувањата од Маѓар и неговите поранешни врски со Орбан, со оглед дека потекнува од неговата партија Фидес и гласовите дека тој е само помлада верзија на екс-премиерот, со оглед на тоа дека не слушнавме големи промени во однос на политиките кои сака да ги измени, новинарот ни порачува дека критиките се чини дека се главно неосновани.

-Ќе има катаклизмична промена и во внатрешната и во надворешната политика на Унгарија, почнувајќи со приклучување кон Канцеларијата на европскиот јавен обвинител, диверзификација на снабдувањето со енергија на земјата, враќање кон европските стандарди за човекови права и слободни медиуми. Ќе има нова владина структура со посебни министерства кои ќе ги покриваат финансиите, здравството, образованието и заштитата на животната средина. Досега овие области немаа свое место во Лабинетот. Воведувањето на еврото до 2030-2031 година ќе биде симболична и важна економска одлука, смета Хорват.

Тука се поставува и прашањето за целата ЕУ и дали ќе видиме побединета Европа. Според соговорникот од Унгарија, Орбан навистина придонесе за зајакнување на европското единство со својата проруска политика и постојаната употреба на вето за блокирање на заедничкото дејствување. Во таа смисла, додава уредникот, на новата унгарска Влада ќе ѝ биде тешко да направи повеќе за Европа.

-Од друга страна, опасноста од гласање 26:1 во Европскиот совет во голема мера ќе се намали, и Русија и администрацијата на Трамп ќе ја изгубат својата важна алатка за да му наштетат на европското донесување одлуки. Значи, тоа ќе биде многу добредојдена промена, позитивно меѓународно влијание од унгарските избори, објаснува Хорват.

Фото: Принтскрин/Фејсбук

Европската комисија започна интензивни разговори со новото унгарско раководство по убедливата изборна победа на Маѓар, испраќајќи јасна порака дека очекува брзо подобрување на односите со Украина и спроведување реформи за деблокирање на околу 35 милијарди евра европски средства. Во Европска комисија победата на Маѓар се толкува како силен мандат за длабоки промени, но и како причина за зголемени очекувања од новата власт.

Според европски дипломати, меѓу првите тестови за Маѓар ќе биде деблокирањето на заемот на ЕУ за Украина во вредност од 90 милијарди евра, како и повлекување на унгарското вето на нов пакет санкции кон Русија.

Во Брисел внимателно ќе се следи и позицијата на Маѓар кон Украина, особено за евентуалното членство во ЕУ. Според набљудувачите, тој не е изразито проукраински настроен и, според информации на АФП, се противи на испорака на оружје.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека Русија е подготвена за прагматичен дијалог со Унгарија и оцени дека подготвеноста е взаемна. „Засега, со задоволство ја забележуваме, доколку разбираме, подготвеноста за прагматичен дијалог. Во овој случај, имаме взаемна подготвеност“, рече Песков, пренесува РИА Новости.

Песков додаде дека мора да се почекаат првите конкретни чекори на новата унгарска влада. „По победата на изборите, г-дин Маѓар даде бројни изјави и одржа бројни прес-конференции. Да почекаме да се формира нова влада во Унгарија. Да почекаме првите конкретни чекори. А потоа ќе се водиме од конкретните чекори на новата унгарска влада“, кажа Песков.

Н.П.