Членка на НАТО забрзано се вооружува: Купила повеќе од 100 моќни корејски хаубици

Финска дополнително го зајакнува своето артилериско вооружување и ја продолжува долгогодишната соработка со јужнокорејската одбранбена индустрија. Земјата потпиша нов договор со компанијата „Hanwha Aerospace“ за набавка на самоодни хаубици K9, вреден околу 546 милиони евра

од Кристијан Димков
14 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Hanwha Aerospace

Според соопштението на производителот, финската армија ќе добие вкупно 112 нови хаубици, заедно со придружни резервни делови, а испораките се очекува да започнат во 2028 година.

Финска првпат ги воведе хаубиците K9 во оперативна употреба во 2017 година, кога нарача 48 единици. Во меѓувреме бројот беше зголемен со дополнителни нарачки, а со оваа најнова набавка Финска ќе стане третата членка на НАТО со повеќе од 200 системи K9, по Турција и Полска.

Од „Hanwha Aerospace“ истакнуваат дека интеграцијата на новите хаубици ќе биде едноставна, бидејќи финската армија веќе со години ги користи како главна артилериска платформа.

„Бидејќи финската армија веќе го користи K9 како клучен артилериски систем, новите единици ќе можат без проблем да се вклопат во постојната структура на силите. Благодарение на развиената мрежа за одржување и системот за обука, станува збор за проширување на способностите без потреба од дополнителна инфраструктура или долг преоден период“, наведуваат од компанијата.

Хаубицата K9 е самооден артилериски систем кој може да погодува цели на растојание поголемо од 40 километри. Производителот нагласува дека се покажала како сигурна и во тешки услови, вклучително и климатските услови какви што владеат во Финска.

Претседателот и извршен директор на „Hanwha Aerospace“, Џе-ил Сон, ја истакна важноста на овој договор за понатамошната соработка со европските партнери.

„Финска повторно ја избра „Hanwha Aerospace“, со што потврдува дека сме сигурен партнер во зајакнувањето на одбранбените капацитети на Европа. Ќе продолжиме да развиваме партнерства со членките на НАТО, вклучително и нордискиот регион“, порача тој.