ЕКСПЕРТ ПРЕДУПРЕДУВА: Ова е предупредувачки знак, Германија заостанува

Бројот на инвестициски проекти објавени од странски компании во Турција во 2023 година е зголемен за 17 отсто во однос на претходната година, а Турција се искачи на четвртото место во Европа по странски инвестиции, јавува AА

од Vladimir Zorba

Компанијата за ревизија и консултации EY објави извештај за странските инвестиции во Европа.

Според извештајот, вкупните инвестициски проекти објавени од странските инвеститори низ Европа во 2023 година се намалени за четири отсто во однос на претходната година, на 5.694.

Важно е да се напомене дека инвестициската активност низ Европа беше за 11 отсто пониска отколку во 2019 година, пред избувнувањето на пандемијата Ковид-19, и 14 отсто пониска од 2017 година, која беше рекордна година.

Иако бројот на инвестициски проекти во Франција се намали за пет отсто на 1.194, таа земја ја задржа водечката позиција на европската скала.

Бројот на проекти во Велика Британија, која е на второто место во Европа, е зголемен за шест отсто на 985.

Според извештајот, странските инвеститори значително ги намалиле своите активности во Германија минатата година.

Бројот на инвестициски проекти објавени од странски компании во Германија се намали за 12 отсто во 2023 година во однос на претходната година на 733. Овие инвестиции паднаа на најниско ниво од 2013 година и продолжија да опаѓаат шеста година по ред.

Турција ја победи Шпанија

Бројот на инвестициски проекти објавени од странски компании во Турција во 2023 година е зголемен за 17 отсто во однос на претходната година. Турција со тоа ја престигна Шпанија на европската листа и се искачи на четвртото место.

„Помеѓу големите европски центри, Турција и Швајцарија покажаа особено динамичен развој минатата година. Турција се искачи на четвртото место по Германија, забележувајќи раст на инвестициите од 17 отсто, додека Швајцарија се искачи на 12-то место благодарение на зголемувањето на инвестициите од 53 отсто“, се коментира во извештајот.

Американските компании се уште се активни

Иако минатата година бројот на инвестициски проекти во Европа се намали за 15 отсто, американските компании станаа најважните странски инвеститори на континентот.

Интересно е што инвестициите на американските компании во Германија се намалени за 22 отсто во однос на претходната година.

Кинеските компании станаа втората најважна група инвеститори во Германија по американските компании.

Оценувајќи го овој тренд, високиот менаџер на EY Германија, Хенрик Алерс, рече дека го смета за многу загрижувачки постојаниот пад на бројот на странски инвестициски проекти во Германија.

„Ова е предупредувачки знак. Германија заостанува, другите делови на Европа се развиваат многу подинамично“, вели Алерс.

Наведувајќи дека бројот на инвестициски проекти во Германија е намален за 35 отсто од 2017 година, Алерс рече дека во истиот период во Велика Британија стапката се намалила за 18 отсто, а во Франција е зголемена за 20 отсто.

Извештајот на EY, кој опфаќа инвестициски проекти што создаваат работни места, не вклучува портфолио инвестиции, спојувања и превземања.

Слични содржини