Ковачевски очекува раст на економијата до 5,9 отсто годишно, најави зголемување на платите и пензиите

од Vladimir Zorba
177 прегледи

Со посветена работа и вистински економски политики очекувам континуиран раст на вкупната економија од 4,6 отсто до 5,9 отсто годишно. Ова примарно ќе биде условено и од глобалните кризи и економски текови, но со силен фокус на економијата и висока реализацијата на капиталните инвестиции верувам дека може да го постигнеме, истакна вечерва мандаторот и прв човек на СДСМ – Драган Ковачевски.

Најави драстично зголемување на домашните приватни и корпоративни инвестиции и влез на странски директни инвестиции, но многу повеќе нивно поврзување со домашните компании.

– Ставаме фокус и на намалување на невработеноста, која до крајот на мандатот наша цел е конечно за првпат да биде едноцифрена. Со добрите економски политики и антикризни мерки веќе спасивме 60.000 работни места во пандемијата. Ќќе продолжиме со зголемувањето на платите и пензиите. Согласно анализите, просечната плата ќе ја надмине висината од 500 евра месечно и ќе продолжи да расте. Ги правиме последните анализи за времето и висината на зголемувањето на минималната плата со цел обезбедување достоинствен живот за сите граѓани, посочи идниот премиер.

Вели дека нема да има зголемување на даноците, граѓаните и компаниите бараат стабилност и предвидливост и дека ќе се воведе поголема ефикасност и силна борба против сивата економија.

Најави и градежна експанзија во делот на инфраструктурата.

– За 2,5 години финиширање на најкрупните делници на Коридорот 8 и Коридорот 10, но и продолжување на реконструкција на магистралните и регионалните патишта. Целосно завршување на примарната и секундарна гасоводна мрежа во целата држава и поставување на условите за почетокот на користење за домаќинствата како и нови инвестиции во еколошки и обновливи извори на енергија, дециден е Ковачевски.