Поранешен бугарски претседател: Треба да го смениме тонот кон Македонија

од Vladimir Zorba
623 прегледи

„Треба да го смениме тонот кон Македонија“. Ова го изјави поранешниот претседател на Бугарија, Петар Стојанов во емисијата „Лице в лице“ на bTV.

„Денешниот крик „Долу рацете од Македонија“ доцни 120 години и е погрешно адресиран“, рече тој.

„Патерналистичкиот и понижувачки тон мора да престане за секунда“, додаде Стојанов.
Според него, меѓу претставниците на патриотските движења секако има најискрени бугарски патриоти, но има и отворени манипулатори.

„Но, им се обраќам на искрените луѓе – не се подготвуваме да и објавиме војна на Северна Македонија, ние се подготвуваме заедно да бидеме членки на ЕУ“, рече поранешниот претседател.

„Ова не значи дека ние ја предаваме нашата историја. Но, мора да бидеме свесни дека за 75 години таму беа воспитани три генерации да согледаат сосема поинаква историја“, додаде тој.

Според Стојанов, тонот треба да биде позитивен и смирен и на овој начин да се потсетиме на заедничките корени. Тој даде пример со неговиот разговор на високо ниво, во кој се зборува за спомениците во Скопје и во кој го посочи споменикот на Борис Сарафов, прецизирајќи дека во Софија Театарската академија го носи името на неговиот брат Крсто Сарафов.

„Во времето на комунизмот, граѓаните на СР Македонија имаа повисок стандард и не го сакаа животот во нашата земја, доаѓаа да ни донесат плочи од Битлси“, се присети претседателот Стојанов.

„Никогаш не сме формирале единствен национален став. Кога претседававме со ЕУ, велевме дека ќе бидеме покровител на приемот на Македонија. Нашите пријатели ме прашуваат кога рековте дека ќе бидетe покровители, не знаевте дека имате проблеми?“, додаде тој.

„За да не ја предаваме нашата историја, треба да постигнеме клима, да можеме да разговараме со нив. А ние, или некои од нас, создаваме нација на луѓе кои искрено нè мразат. Треба малку да излеземе од историјата, да излеземе од нашиот национален комплекс. Само оние општества кои немаат причина да се гордеат со сегашноста, се чувствуваат горди на својата историја“, нагласи Петар Стојанов.

Тој исто така посочи дека искрениот патриотизам е многу важен, но не ги носи најдобрите одлуки и го наведе примерот со роковите.

„Ниту еден сериозен политичар не се обврзува на рок, затоа што тогаш почнува одбројувањето. Подобро е да не се работи со рокови“, додаде Стојанов.

Слични содржини