Египетскиот фудбалер и напаѓач на Ливерпул Мохамед Салах денеска изјави дека не бара ништо „посебно“ во преговорите за нов договор со „црвените“ на 18 месеци пред истекот на важечкиот договор.
„Сакам да останам, но не одлучувам само јас. Се зависи од клубот. Им ги пренесов моите услови и тие знаат што сакам. Не барам ништо посебно“, изјави Салах во интервју за магазинот GK.
Салах во досегашниот дел од сезоната има постигнато 16 гола во англиската Премиер лига.
„Условите што ги поставив се реални и треба да покажат дали клубот го препознава тоа што сум го направил за Ливерпул“, изјави Салах.
Британскиот печат наведува дека Салах преговара за неделна плата од 360.000 евра.
Доколку се постигне договор, би дошло до промена на менаџерската политика на клубот, кој не сака да дава големи договори на играчи постари од 30 години, колку што Салах ќе пополни следниот јуни.
„Тука сум пет години. Го познавам клубот многу добро. Ги сакам навивачите и тие ме сакаат мене. Што се однесува до управата, јас им ги претставив моите услови, а топката сега е во нивни раце“, изјави Салах.
Оваа година Салах влезе во потесниот избор за наградата Фудбалер на годината на ФИФА. Заедно со Египќанецот за наградата најдобар ќе се борат и Полјакот Роберт Левандовски од Баерн Минхен и Аргентинецот Лионел Меси од Пари Сен Жермен.
Доделувањето на наградата ќе се одржи во Цирих на 17 јануари.