„Бројот на заболени е зголемен, но притисокот врз здравствениот систем не е толку висок. Вакцинацијата штити и затоа им препорачувам на граѓанмите да се вакцинираат за да им помогнат на сите и на здравството и на економијата“, истакна мандатарот Ковачевски во Топ Тема на Телма.
Според него оние кои се вакцинирани имаат многу послаби симптоми од невакцинираните.
– Јас би сакал да ги поттикнам граѓаните да се вакцинираат, бидејќи вакцинацијата штити да симптомите од вирусот бидат на пониско ниво. На тој начин тие не си помагаат само на себе, туку помагаат на сите други особено на здравствениот персонал, кој што нема да биде толку оптеретен, меѓутоа и на економијата во целост, бидејќи ако сакаме да ни функционира економијата без рестриктивни мерки, без затворање на производствени капацитети, треба секој до нас да биде свесен дека преку вакцинирање треба тоа со личен пример да го помогне, рече Ковачевски.
Напомена дека не прифаќа решенија со притисок бидејќи смета дека треба и јавното мислење да се почитува, но како што рече, треба да се има свесност дека преку вакцинирањето имаме поблаги симптоми во однос на делта и омикрон сојот.
На прашањето дали во среде пандемија е разумно да се менува министерот за здравство, Ковачевски рече дека Венко Филипче останува на располагање на Министерството за здравство и дека Беком Сали е стручен човек кој може да се носи со оваа состојба.
-Со Филипче разговаравме, тој е целосно на располагање на Министерството, бидејќи е свесен човек, а исто така ќе биде на располагање и на новиот министер за здравство. Секој совет е добредојден особено од некој кој поминал две години во услови на пандемија. Имам високо мислење и за др Беким Салиу како човек кој може да се носи со оваа проблематика, но и како одговорен да прими совет од оние кои го имаат искуството, додаде Ковачевски.