Вицепремиерот за европски прашања во заминување, Никола Димитров вели дека очекувал голем број напади после неговата прес-конференција, но дека од некои е изненаден.
-Не е баш дека останав без ништо, па ајде ќе се лутам. Ако била приказната за функција, јас добив понуда за едно од најпрестижните функции, а таа е да ја претставувам земјата во Вашингтон или сам да си изберам земја. Сепак, таа функција не е толку изложена на јавност, притисок, стресови, а има петпати поголема плата од платата на член на Влада, информира Димитров во емисијата „360“.
Според него, „гајлето што го носи како член на Владата и тимот во однос на преговорите со Бугарија, сега веќе нема да може да го носи сам, затоа што не е внатре“.
-Во битката внатре во два наврати бев принуден да се заканам со оставка, односно им реков ако одите по оваа линија, тоа ќе морате да го правите без мене, а јас ќе излезам надвор и ќе бидам гласен. Ова му го кажав и на премиерот и на министерот за надворешни работи, додаде вицепремиерот за европски прашања во заминување.