„Крајно време е да се отвори дискусија“: Малите партии бараат седница за измените на Изборниот законик

од Vladimir Zorba
519 прегледи

Демократскиот сојуз, ДОМ, ЛДП, Вмро народна и Демократската партија на турците бараат веднаш да се закаже собраниска седница на која ќе се расправа за измените на Изборниот законик со кој е предвидено Македонија да биде една изборна единица со пропорционален модел без изборен праг.

Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов вели дека поддршката на новата влда ќе биде условена и очекува измените да се спроведат во рок од три месеци напоменувајќи дека доколку не се донесат промените поддршката нема да продолжи, објаснувајќи дека најверјатно ќе се распишат предвремени избори.

Од ЛДП за „Локално“ велат дека изјавата на преседателот на Демократскиот сојуз е веројатно став на партијата, но не и став на сите пет партии.

-Нормално дека заложбата наша останува и ние сакаме за ова и за другите заложби час поскоро да бидат имплементирани а не само да останат парче хартија во владината програма.Ќе инсистираме до крајот на мандатот да бидат реализирани, сите наши заложби наведени во праграмата на Владата како: политиките и мерките за млади, регулација на криптосредствата, заокружуање на процесот на децентрализација, декриминализација и легализација на канабисот, енергетска транзиција, развој на зимскиот туризам итн, а за една изборна единица ќе инсистираме да го знаеме резултатот, до крајот на оваа година, со цел да имаме време да се подготвиме како партија за настап на следните парламентарни избори, но и да не се носиме во ситуација на менување на Изборен законик во очи на изборите како што знаело да биде пракса во многу изборни циклуси, вели Моника Зајкова од ЛДП.

За лидерката на ДОМ, Маја Морачанин условот „една изборна единица или предвремени избори“ не може да се квалификува како уцена, туку како легитимно барање на пратеници од различни политички партии.

-Од наведените причини, барањето за измена на Изборниот законик не може да се квалификува како уцена, туку како легитимно барање на пратеници од различни политички партии.Дополнително, според резултатите од анкетите спроведени пред две години, мнозинство граѓани ја поддржува ваквата промена на изборниот модел, вели Морачанин.

Граѓаните ќе бираат не само партии, туку конкретни личности

Oд ЛДП посочуваат дека со усвојувањето на овој закон ќе се унапреди демократијата и правото на избор на граѓаните, а малите партии и нивните квалитетни кадри ќе добијат можност да ја споделат својата визија со граѓаните да се покажат и докажат за да ја заслужат нивната доверба.

-Со усвојувањето на предложените законски решенија се создаваат услови за натамошно јакнење на политичкиот плурализам како една од главните одредници за демократскиот поредок на државата, преку востановување гаранции за ефикасно остварување на правата на граѓаните и оживотоворување на идејата за претставничката демократија во нејзината вистинска смисла и значење. Моделот кој вклучува една изборна единица овозможува малите партии да добијат можност да ја споделат својата визија со граѓаните, а на квалитетните кадри шанса да се покажат, докажат и да ја заслужат довербата од граѓаните, вели пратеничката Моника Зајкова.

За неа, една изборна единица значи унапредување на демократијата, подобро претставување на волјата на граѓаните, но и поефикасна контрола на власта.

– Односно предложениот модел овозможува надминување на бројните негативни реперкусии по однос на демократските процеси на државата и тоа, по пат на редизајнирање на постојниот изборен модел, чијашто примена во битна мерка, ќе придонесе за редуцирање на можностите за кршење на изборните правила, а пак, составот на законодавниот дом ќе претставува реален одраз на волјата на секој граѓанин кој го дал својот глас. Тоа е целта која што сакаме и треба да ја постигнеме, истакна таа.

За зелената партија ДОМ воведувањето на една, наместо сегашните шест изборни единици, ќе се унапреди демократијата во македонското општество. Ќе се овозможи поправична претставеност на граѓаните во Собранието.

-Со години се залага за измена на изборниот модел, со една изборна единица, отворени листи и 50% жени на листите.Пред 2 години заедно со 17 пратеници, од различни политички партии, во Собранието поднесовме Предлог-закон за измена на изборниот модел, но законот беше блокиран со 3000 амандмани.Во март минатата година, повторно неколку пратеници поднесовме Предлог-закон за измена на изборниот модел за една изборна единица и до сега во Собранието не е отворена дебата по тој Предлог-закон. Затоа, шест пратеници од различни политички партии поднесовме барање до Претседателот на Собранието, во најкус временски рок, да започне собраниската дискусија за овој Предлог-закон, објаснува за „Локално“, лидерката на ДОМ, Маја Морачанин.

Со воведување на една, наместо сегашните шест изборни единици, според неа, ќе се унапреди демократијата во македонското општество и ќе се овозможи поправична претставеност на граѓаните во Собранието.

– Со постојниот изборен модел, се случува некоја политичка партија да освои над 30.000 гласови на парламентарни избори, но да не добие ниту еден пратеник. Тоа значи дека барањата и потребите на тие 30.000 гласови не се артикулирани во Парламентот.Дополнително, доколку се реализира барањето на ДОМ за отворени листи, тоа ќе овозможи граѓаните да бираат не само партии, туку конкретни личности кои тие сакаат да ги претставуваат во парламентот или советите, што ќе води кон демократизација на политичките партии и општеството. Тоа ќе овозможи и последниот кандидат на предложената листа, доколку добие најголема поддршка од граѓаните, да освои мандат за советник или пратеник, што со сегашниот изборен модел е невозможно. Зголемувањето на родовите квоти од сегашните 40%, на 50% жени на листите за советници и пратеници е неопходно за овозможување зголемено учество на жените во политиката и унапредување на родовата еднаквост, посочува лидерката на ДОМ.

Новата Влада заслужува шанса

Сите заложби кои што ги правиме се во насока да обезбедиме подобри услови, вели Зајкова која смета дека дека организирањето на предвремени парламентарни избори е одлука која што засега не е една од нив, но која зависи од политиките и начинот на работење на Владата.

-Потенцираме дека во услови на економска, здравствена и енергетска криза последното нешто што ни е потребно е носење на ирационални одлуки кои што се резултат на “политички инает”, а последиците од истите повторно да ги сносат граѓаните. Во моментот јасно е дека приоритетите се ставени на менаџирање и надминување на кризите.Иако во Владината програма стои само измени на Изборниот законик јас верувам дека оваа Влада ќе работи на имплементација на изборниот модел за една изборна единица и до крајот на годината ќе го знаеме исходот.Новата Влада заслужува шанса да ја сподели својата програма со граѓаните, да ги презентира своите предлози и решенија, а на сите нас останува будно да ја следиме нивната реализација и имплементација, објаснува пратеничката.

Таа вели дека ЛДП дава шанса за реализација на политиките кои ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните и ќе обезбедат развој на држава.

-Ќе предлагаме решенија и ќе очекуваме брза реализација, кога ќе биде потребно ќе критикуваме, но и ќе пофалиме и поздравиме добри и квалитетни реформи.Тоа е единствениот начин на кој што, сите заедно, независно од која политичка партија доаѓаме можеме да издејствуваме промени во општеството и да ја вратиме разнишаната и по малку загубена доверба на граѓаните, подвелува таа.

Пратеничката од ДОМ, децидно вели дека условот една изборна единица не е уцена и дека тие веруваат во квалитетот на предложените законски решенија и се надеваат дека и останатите партии ќе ги увидат придобивките од истиот.

-Владата е таа која што треба да ги препознае мааните на системот, да ги идентификува клучните приоритети и да преземе акции за истите да ги надмине. Очекувам поддршка од сите политички чинители во Собранието, наместо блокада на процесот. Крајно време е да се отвори дискусија по ова прашање во Собранието и да ги чуеме аргументите „за“ и „против“, па можеби и за некое компромисно решение кое ќе биде во полза на сите.Како и се во животот, клучот е во балансот, вели Зајкова.

Крајно време е да започне собраниската дебата

Од двете партии велат дека се уште немаат информации за тоа кога ќе биде закажана седница и кога ќе започне дискусијата по оваа точка.

-Предлогот на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик е ставен на дневниот ред на седница бр.43 на Собрание на Р. Северна Македонија и истата се уште не е отворена и разгледана.Со сите рапидни промени кои се случуваат периодов, се уште немаме информации кога ќе биде закажана оваа седница и кога ќе започне ддискусијата по оваа точка.Можам само да апелирам истото да биде што е можно побрзо, односно на следната седница веднаш по изборот на новата Влада, подвелкува Зајкова.

И лидерката на ДОМ ушатува апел до претседателот на Собранието во што поскоро време да се закаже седницата.

-Се уште не сме добиле одговор од претседателот на Собранието за нашето барање. Имајќи предвид дека Предлог-законот е веќе 10 месеци во Собранието, крајно време е да започне собраниската дебата и пратениците да ги изнесат своите ставови, вели Морачанин.

Владата подготвена за дијалог за Изборниот законик

Владата е подготвена да разговара за предлозите на помалите политички партии за промена на Изборниот законик или изборниот модел. Сепак, министерот за правда во заминување Бојан Маричиќ, смета дека не треба да има временско ограничување и треба да се постигне политички консензус.

Министерот Маричиќ рече дека идејата за создавање на сосема нов закон не е напуштена.За новата влада се очекува да се гласа во недела.

Б.М.

Слични содржини