Епидемиологот и член на Кризниот штаб на Србија, Бранислав Тиодоровиќ денеска изјави дека сегашниот бран на епидемијата на коронавирус ќе има две фази и дека во првата, која сега е во тек, заболуваат млади, деца и средовечни лица.
Во втората фаза, која, како што изјави Тиодоровиќ за ТВ Танјуг, може да се очекува следната недела или една недела подоцна, повеќе ќе се разболуваат постарите лица, особено тешко и хронично болните.
Фактот дека „омикрон“ видот на вирусот се шири 10 до 15 пати побрзо од претходните соеви може да создаде проблем за здравствениот систем, кој, рече Тиодоровиќ, веќе е „под напад“ бидејќи бројот на заразени здравствени работници се проценува меѓу седум и 10 проценти.
– Тоа може да ја направи ситуацијата кога ќе ни требаат најмногу здравствени работници, да бидеме во неволја – рече Тиодоровиќ.
Наведе и дека дополнителен проблем е што во февруари може да се очекува зголемување на грипот, кој веќе се појави, а за зголемување може да придонесе и продолжувањето на учебната година, бидејќи учениците се, како што рече, моторот на ширење на грип.
Тиодоровиќ оцени дека Брзата помош сега е под огромен притисок, кој сега е пренесен од плоштадите и дочеците и дека сега е доцна да се донесат поригорозни антиепидемиски мерки.
Според оценката на Тиодоровиќ, такви требало да бидат донесени многу порано.