Програмата на новата Влада обезбедува подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и зајакнување на економската моќ на земјата, порача пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска на денешната собраниска седница.
„Во делот на социјалната заштита фокусот на Владата ќе биде на борба против сиромаштијата. Социјалните надоместоци, во своите видливо покачени износи, ќе бидат оебзбедувани за околу 300.000 граѓани. Системот на социјална заштита е подготвен да ги апсорбира сите семејства во социјален ризик, 35.500 домаќинства , детски додаток за 47.000 деца и образовен додаток кој го користат околу 30.000 ученици и студенти. Добро е што останува посветеноста на владата за директна финансиска поддршка на бизнисот и населението, како што тоа успешно се реализираше во најтешките услови на пандемијата. Ќе продолжи континуирана исплата на платите, пензиите и социјалната помош и нивно натамошно зголемување. Порастот на минималната плата ќе продолжи и до крајот на мандатот на Владата, проектирано е просечната плата да изнесува 34.000 денари, базирано на континуираниот раст на просечната нето плата во изминатиот период.“ посочи Георгиевска.
Таа истакна дека периодот од 2,5 години без изборни циклуси мора да се искористи за реализација на што повеќе проекти од Програмата на Владата и да се забрза економскиот раст.
„Главна цел на економската политика на оваа Влада е остварување на повисоки стапки на економски раст,зголемување на обемот на домашни и странски инвестиции и зголемување на ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции. За таа цел е подготвен План за забрзан економски раст, кој се состои од сите елементи кои ќе придонесат за зголемување на растот на економијата. Овој важен документ е поддржан од сите меѓународни релевантни финансиски институции, кој ќе овозможи остварлива економска трансформација, со клучна улога во поттикнување на нови работни места и раст на економијата.“ заклучи Георгиевска.