Со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани вечерва пред полноќ во Собранието избрана е новата Влада на Република Северна Македонија која ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.
-Оваа влада има легитимитет и таа ќе работи до 2024 година, кога ќе има избори, до тогаш ќе работиме транспарентно и работливо, уште од првиот ден, уште од утре. Веќе утре ќе расправаме за енергетската криза. Задутре ќе разговарам со бугарскиот премиер Кирил Петков, врз основа на почитување на македонскиот идентитет и посебност. Веднаш потоа ќе расправаме за пензиите и за стандардот на граѓаните. Имам јасен план за реализација на програмата со реални рокови.Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. На сите граѓани им посакувам добро здравје, мир и спокојство во семејствата. Ветувам дека ќе направиме сѐ да ја оправдаме довербата на граѓаните. Доаѓа ново време, доаѓа подобро време, да живеат граѓаните, да живее Северна Македонија“, изјави на крајот од расправата мандатарот Димитар Ковачевски.
Утре во 9 часот во Владата е закажано примопредавањето на функцијата премиер од Зоран Заев на Димитар Ковачевски.