Ковачевски: Со Петков ќе разговараме за иднината и проекти за подобар живот

од Берта Китинска
152 прегледи

Областа на економијата, образованието, иновациите, инфраструктурата, евроинтеграциите се темите кои ќе доминираат во утрешниот разговор во Скопје, најави новиот премиер Димитар Ковачевски на приемот кај претседателот Стево Пендаровски.

Тој посочи дека со бугарскиот премиер на утрешната средба ќе разговараат за иднината и проекти за подобар живот на граѓаните на двете држави.

-Мојата и намерата на Петков е да разговараме за иднината и проекти за подобар живот на граѓаните на двете држави. Утре ќе разговараме за теми во областа на образованието, евроинтеграциите на Северна Македонија, економијата, трговја… Во однос на историските прашања, секогаш велам дека тие треба да бидат дел од дебатата на историчарите, а довербата на граѓаните треба да се гради со подобар стандард за нив. Нашите позиции се кристално јасни, ние сме Република Северна Македонија, со засебен идентитет, говориме македонски јазик. Ние сме држава која кажала дека нема да се меша кај другите држави, кажа премиерот.

Во однос на малцинските права, тој го повтори ставот на Владата дека Северна Македонија нема да се меша во внатрешните прашања на своите соседи.

-Ние имаме различно уредување од Бугарија. Колективните права кај нив се обезбедуваат поединечно, кај нас со оглед на мултиетничкиот карактер на нашата држава, колективните права се остваруваат колективно и почитувајќи ги сите меѓународни договори, сите граѓани можат своите права да ги остваруваат во рамки на Судот за човекови права во Стразбур, рече Ковачевски.