Русија со услов да го зголеми извозот на гас за Европа

од Vladimir Zorba
368 прегледи

Русија нема никаква врска со проблемите на европскиот енергетски пазар и е подготвена да ги зголеми испораките на природен гас во Европа, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак во телевизиско интервју, цитиран од Интерфакс.

Но, за да се случи тоа, потребни се долгорочни договори со европските купувачи, истакна тој.

Новак изрази изненадување од изјавата на шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол, дека активностите на „Газпром“ предизвикале тензии на европските енергетски пазари.

„Бев малку изненаден од изјавата на шефот на една таква почитувана меѓународна организација како што е ИЕА, кој се обидува, како што велат, да го префрли „од болна на здрава глава“ проблемот, што сега го имаат европските потрошувачи. Ниту Русија, ниту „Газпром“, главната компанија извозник на гас, немаат никаква врска со проблемот“, рече Новак.

Рускиот вицепремиер истакна дека Русија ги исполнила сите свои долгорочни договори.

Новак смета дека енергетските проблеми на Европа се поврзани со „краткогледната политика на ЕУ и ЕК, кои со години намерно одбиваат долгорочни договори за да ја намалат зависноста од Русија“.

„Можеме да испорачаме повеќе гас во Европа, имаме огромни ресурси, но секое производство е инвестициски проект за кој потребно е време за да се исплати и да се привлечат инвестиции. Затоа мора да има јасна маркетинг политика“, додаде рускиот вицепремиер.

Новак, исто така, истакна дека „Германија, купувајќи руски гас со долгорочни договори (каде цените во моментов се неколку пати пониски од оние на европските спот пазари), делумно го продава, вклучително и на Украина, веројатно по пазарни цени“.

Слични содржини