Не сум се сретнал со Димитров, но доколку мислам дека може да каже нешто што би било корисно за подобра иднина на граѓаните, тогаш зошто да не, одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дали би се сретнал со поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер, Никола Димитров.
Според Мицкоски, Димитров моментално е во чудна и емотивна состојба.
-Не мислам дека во моментов. Мислам дека тој е во чудна емотивна состојба и нека пројде овој период, па после тоа. Сепак, не исклучувам разговор со никого, потенцира Мицкоски.
Со критика до Владата пред се за процесот за решавање на спорот со Бугарија и со порака дека му е должност кон граѓаните да запали аларм за посебна будност во однос на прашањето, Димитров си замина од функцијата вицепремиеро за европски прашања. Тој на прес-конференција минатата недела рече дека неговите ставови во преговорите со Бугарија во многу наврати биле спротивни од неговите колеги во Владата.
-Демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре, особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции. Значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи, потенцира Димитров.