Мора да се прошири полето на соработка помеѓу двете земји и чекор по чекор да се решаваат отворените прашања, е заклучокот по средбата на заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ со Кристиан Вегенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Република Бугарија, во рамки на денешната официјална посета на бугарската делегација предводена од премиерот Петков.
Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ на средбата истакна дека од суштинско значење е да се воспостави блиска соработка и комуникација на сите полиња и нивоа. Во таа насока, Северна Македонија ќе започне со активирање на работните групи и тела кои се потребни за отпочнување на еден динамичен процес на евроинтеграција, а на кои треба да се гледа како на мостови за натамошна транспарентна и инклузивна соработка меѓу двете земји.
Според Маричиќ и Вегенин од заеднички интерес за двете земји е и меѓусебно поврзување на невладиниот сектор, бизнис заедницата и академската фела, што ќе резултира со подобрување на атмосферата помеѓу народите на двете земји.