Новите премиери на С. Македонија и Бугарија вчера се согласија да ги удвојат напорите за подобрување на односите меѓу нивните две земји, кои се влошија откако Бугарија стави вето на македонските евроинтеграции.
Бугарскиот премиер Кирил Петков пристигна во Скопје само два дена откако парламентот на Северна Македонија го потврди устоличувањето на новата влада предводена од лидерот на социјалдемократите Дмитар Ковачевски.
Двајцата премиери на заедничката прес-конференција во Скопје се согласија дека нивна „заедничка цел е да создадат подобра иднина“ за двете земји.
Спорот што тлее го достигна својот врв во 2020 година, откако Бугарија, членка на ЕУ, стави вето на почетокот на официјалните преговори за пристапување на С. Македонија кон ЕУ затоа што, како што формулираше бугарската влада, Скопје нема спроведено делови од договорот за пријателство потпишан во 2017 година, особено во делот што се однесува на заедничката историја и јазик.
-Си ветивме дека новата енергија ќе ја искористиме со почит да ги подобриме нашите односи, рече Ковачевски.
Тој додаде дека владите на двете земји ќе одржат заеднички состанок во Софија на 25 јануари со план за формирање заеднички работни групи за соработка на полето на економијата, инфраструктурата, европската интеграција, трговијата, образованието, културата и историјата.
-Јас сум голем оптимист за новата динамика (подобрување на односите) и можам да ве уверам дека резултатите ќе бидат видливи секоја недела, рече Петков, кој минатиот месец доби мандат да формира влада.
Ковачевски потврди дека Бугарија се согласила да го нарекува својот сосед „Северна Македонија“ во билатералните комуникации, покрај подолгата формална верзија „Република Северна Македонија“, бидејќи владата во Софија досега тврдеше дека пократкото име имплицира територијални аспирации кон Бугарија.
-Решавањето на прашањето за користење на краткото име е првиот голем чекор во новото поглавје на нашите односи и овој потег ни дава оптимизам за иднината, рече Ковачевски.
Бугарските власти, исто така, инсистираат на тоа дека етничкото бугарско малцинство во Македонија мора да биде уставно признаено, како и другите малцинства во земјата, но го отфрлаат нашиот аргумент дека во Бугарија има македонско малцинство.