Брнабиќ: Не знам зошто Ѓоковиќ не сака да се вакцинира

од Nikola Popovski
314 прегледи

Премиерката Ана Брнабиќ во интервју за американскиот Си-Ен-Ен изјави дека е разочарана од начинот на кој српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ бил третиран во Австралија и нагласи дека на рекетот број 1 не гледа како на антиваксер.

„Ме уверија дека политиката нема да биде вклучена и дека ќе се однесуваат праведно со Новак“, рече Брнабиќ.

На прашањето на новинарите дали тогаш се чувствувала изневерена, таа рече дека не може да го каже тоа.

„Не можам да кажам дека се чувствував изневерена. Она што ме загрижува е фер однос кон граѓаните на Србија и дека се трудам да им помогнам што е можно повеќе“, рече Брнабиќ.

На прашањето дали знае зошто Ѓоковиќ не сака да се вакцинира, таа рече дека не знае и дека тоа е негова лична одлука.

На констатацијата дека во Австралија се смета за антиваксер и на прашањето дали Ѓоковиќ треба да го објасни својот став за вакцините, премиерката рече дека не смета дека тој треба да го направи тоа.

„Не го гледам Новак како антиваксер. Кога Новак организираше тениски турнир во Србија, ги имавме сите вакцини на располагање за тенисерите кога тие не можеа да се вакцинираат во нивните земји. Тој ја поддржуваше вакцинацијата и ја поддржува вакцинацијата на луѓе кои сакаат да се вакцинираат. Не го сметам за антиваксер“, рече Брнабиќ.

Слични содржини