Германија ја врати С. Македонија на листата на земји со висок ковид-ризик, па ќе биде потешко да се влезе во таа земја, односно невакцинираните и лицата кои не се заразени ќе мора да бидат ставени во карантин, соопшти денеска Министерството за надворешни работи.
Со најновата одлука на германските власти, од македонските државјани при влез во Германија се бара електронско пријавување и поседување потврда за вакцинација или за прележан Ковид или негативен ПЦР тест. За лицата кои не биле заразени со Ковид и не се вакцинирани, следува мерката за 10-дневен карантин, при што можат да бидат ослободени најрано на петтиот ден со тестирање за Ковид 19. Од оваа мерка се ослободени невакцинираните деца до шест години, на кои сепак карантинот им се прекинува по пет дена.
Покрај Македонија, на листата на земји со поголем ризик од зараза се вратени и Србија, Бих, но и земјите од ЕУ како Франција, Австрија, Летонија, Бугарија и други земји од повеќе делови на светот.
Во Германија во последните 24 часа е потврдено дека се заразени со корона вирусот на 112.323 лица, соопшти Институтот Роберт Кох.
Во истиот период од инфекцијата починале 239 лица. Од почетокот на пандемијата, инфекцијата е потврдена кај 8.186.850 лица, а починале 116.081.