Бројката на граѓани кои ќе влезат во водите на Вардар на настанот во Скопје, по повод традиционалното чествување на празникот Водици годинава ќе биде ограничен, информира отец Бобан Митевски. Според него, во реката Вардар ќе влезат околу 10 лица кои претходно имале учествувано, односно лица кои се физички подготвени.
-Годинава настанот ќе се организира, но мораме да се придржуваме до препораките коишто важат од здравствените власти, зборувам за Скопје. Годинава сепак ќе го има, но во согласност со мерките и препораките при што не е организациски објавено. Биравме од оние кои досега веќе го правеле тоа или луѓе коишто знаеме дека се подготвени физички и кои се сериозни во пристапувањето кон овој чин. Годинава тоа се случува со еден таков избор само за да се задржи форматот и да се изврши обичајот. Ако имаше пријавувања тоа ќе значеше дека може да се пријават 50, 60 луѓе кои сепак ќе дојдат со придружници, а тоа е голем број, заради тоа се одлучивме на овој начин, да го задржиме обичајот, никого да не фаворизираме, но да одбереме луѓе кои се физички подготвени со спортски дух, вели отецот во интервју за МИА.
Традиционалното фрлање на крстот во Скопје ќе се одржи на мостот „Слобода“ кај Холидеј ин, со почеток во 12 часот.