Се надевам дека државниот врв на Република Северна Македонија ќе покаже мудрост и политичка храброст да ги реши главните прашања кои навистина ќе ја отклучат вратата за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Ова пред новинари го изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Тој ги истакна проблемите поврзани со правата на македонските Бугари како клучни за градење на полноправни билатерални односи и отворање на вратата за почеток на преговорите за членство.
„Заедно со сите напори за подобрување на поврзаноста, инвестициите, економијата и соработката, да не заборавиме на клучните прашања што треба да се решат“, рече тој.
Според нашиот сосед, се работи за вклучувањето на македонските Бугари во Уставот, заедно со другите делови од нацијата, како заштита на нивните права и овозможување нивна целосна интеграција во културниот и политичкиот живот на земјата, ставање крај на говорот на омраза и секое посегнување на Бугарската историја и култура.
„Како одговорна членка на ЕУ треба да интегрираме партнери, а не проблеми“, нагласи Радев.
Според него, има позитивни сигнали од посетата на бугарскиот премиер и мора да се поддржи секој чекор што води кон продлабочување на нашите односи.
Шефот на државата ги оцени како апсолутно неодржливи наводите дека доколку Бугарија сака рамноправност на македонските Бугари загарантирана со Уставот, РСМ може реципрочно да бара македонско малцинство во Бугарија.
„Да не заборавиме дека нашите уставни системи се радикално различни – бугарскиот Устав предвидува заштита на индивидуалните права, додека македонскиот устав се заснова на заштита на колективните права на делови од народите, така што тоа воопшто не може да се случи“, појасни Радев.