Министерот за здравство, Беким Сали побара од својот косовски колега Рифат Латифи да се преиспитаат новите построги ковид-мерки за влез во Косово и да се најде друг начин на заштита, кој не го спречува слободното движење. Со новите построги мерки, кои Приштина ги воведе на 21 јануари, сите постари од 12 години мора да имаат потврда за трета доза од вакцината за да влезат во Косово.
Според Министерството за здравство, Сали телефонски разговарал со Латифи за новите мерки за влез на странски државјани во Косово и ја пренел „длабоката загриженост на граѓаните на Македонија кои имаат семејни, деловни и други односи со Косово, кои оваа нова мерка ги ограничува“.
Косовските власти од вчера воведоа нов режим за влез на државјани на С. Македонија на возраст над 12 години, што значи треба да приложат потврда за прием на трета доза од вакцината или две дози заедно со негативен ПЦР-тест кој не е постар од 48 часа.
– Истакнувајќи дека ситуацијата со пандемијата во С. Македонија и Косово е доста слична, министерот Сали побара од колегата Латифи да ја преиспита оваа одлука и да најде друг начин за заштита на здравјето на граѓаните на двете земји, без да се спречи нивното слободно движење, објавија од Министерството за здравство.
Новите мерки, кои ќе важат до 4 февруари, предвидуваат ограничување на движењето во периодот од 22 до 17 часот, а угостителските објекти ќе вршат дејност од 5 до 21 часот.
Исто така, дозволено е користење на затворени простории до 50 отсто од капацитетот, додека на отворено дозволено е користење до 70 отсто од просторниот капацитет.
Се затвораат теретаните и другите простории за спортско-рекреативни активности, освен професионалните спортски клубови.