Со свечена церемонија денеска на плоштадот Александар Невски во Софија македонската владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска во 16 часот ќе биде пречекана од бугарскиот премиер Кирил Петков и министрите во неговата Влада кои потоа утре во резиденцијата „Бојана“ ќе одржат заедничка седница.
Се очекува во вторник, на 25 јануари во Софија да почне Меѓувладината седница на Северна Македонија и Бугарија.
Премиерите најавуваа пет работни групи, петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но не прецизираа дали ќе остане да работи во сегашниот формат.
Македонската владина делегација во Софија ќе пристигне со 12 министри од кои четворица се вицепремиери Фатмир Битиќи, Бојан Маричиќ, Артан Груби и Славица Грковска кои ќе копретседаваат заедно со своите колеги и другите министри со три од четирите работни групи.
Вицепремиерот Битиќи, заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши, со своите колеги задолжени за економските ресори во бугарската влада Корнелија Нинова, Асен Василев и Даниел Лорер ќе копретседаваат со работната група за економија, трговија и иновации. Во работната група ќе членуваат претставници на бугарското Министерството за економија и индустрија, Министерството за иновации и раст, Министерството за земјоделство, Министерството за надворешни работи и на администрацијата на Владата.
Со работната група за инфраструктура, транспорт и поврзување ќе копретседаваат министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев кои веќе имаа билатерална средба во Скопје, а во работата ќе учествуваат и министерот за локална самоуправа Горан Милевски и новиот министер за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, заедно со бугарскиот вицепремиер и министер за регионален развој Гроздан Караџов и министерот за енергетика Александар Николов. За членови на работната група се именувани претставници на Министерството за регионален развој и јавни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за енергетика, Министерството за надворешни работи и администрацијата на Советот на министри.
Со наредба на премиерот Петков, како што се наведува во соопштение на бугарскиот Министерски совет, формирани се четири меѓуресорски групи за соработка со Северна Македонија.
Во меѓувладината група за соработка во областите економија, трговија и иновации копретседавачи се заменик-премиерот за економија и индустрија и министер за економија, Корнелија Нинова, вицепремиерот за еврофондовите и министер за финансии, Асен Василев и министерот за иновации и раст, Даниел Лорер. Во работната група ќе членуваат претставници на Министерството за економија и индустрија, Министерството за иновации и раст, Министерството за земјоделство, Министерството за надворешни работи и на администрацијата на Владата.
Копретседавачи на работната за инфраструктура, транспорт и поврзување се вицепремиерот за регионален развој и јавни работи и министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, министерот за транспорт и врски Николај Сабев и министерот за енергетика Александар Николов. За членови на работната група се именувани претставници на Министерството за регионален развој и јавни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за енергетика, Министерството за надворешни работи и администрацијата на Советот на министри.
Третата работна група е за европската соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација и владеење на правото. Копретседавачи се вицепремиерот за климатски политики и министер за животна средина и води Борислав Сандов, вицепремиерката за ефикасно владеење Калина Константинова и министерката за правда Надежда Јорданова. Во работната група учествуваат претставници на Министерството за животна средина и води, Министерството за правда, Министерството за електронска влада, Министерството за надворешни работи и администрацијата на Советот на министри.
Четвртата меѓуресорска група ќе работи во областите на културата, науката и образованието и младите. Копретседавачи се министерот за образование и наука Николај Денков, министерот за култура Атанас Атанасов, министерот за туризам Христо Проданов и министерот за млади и спорт Радостин Василев. За членови на работната група се именувани претставници од Министерството за образование и наука, Министерството за култура, Министерството за туризам, Министерството за млади и спорт и администрацијата на Владата.
Она што двајцата премиери успеаја да го договорат за време на состаноците во Скопје е користењето на краткото име Северна Македонија, подеднакво како и долгото Република Северна Македонија, што беше едно од барањата во патоказот пет плус еден.