Османи: Поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина

од Nikola Popovski
201 прегледи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес остварил телефонски разговор со Дерек Чолет, советник на Стејт департментот на САД.

-Разговаравме за безбедносната состојба во Европа и актуелните случувања во и околу Украина. Изразивме заемна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и упативме заеднички повик за деескалација на состојбите во интерес на европската безбедност, информира Османи.

Двајцата соговорници истакнале дека како НАТО сојузници ја реафирмирале готовноста за заеднички пристап кон актуелните безбедносни предизвици и ја нагласиле заемната посветеност за понатамошно јакнење на стратешкото партнерство и трансатлантските врски.

-Се согласивме дека европската перспектива и присуството на САД во регионот се особено значајни за стабилноста и просперитетот на Северна Македонија и Западен Балкан, додава Османи.

Во тој контекст биле поздравени напорите на меѓународните партнери и заложбите во рамките на НАТО и ОБСЕ за смирување на состојбите и зачувување на мирот.