РУСКАТА вакцина Спутник V може да биде признаена од Светската здравствена организација (СЗО) оваа година, изјави денеска претставничката на СЗО во Русија Мелита Вујновиќ за телевизијата „Русија-24“, пренесува ТАСС.
-Десет вакцини се вклучени во списокот на лекови препорачани за итна употреба, што значи дека се користат во итни случаи во јавното здравство, како што е сега во пандемијата. Уште 16 кандидати се на чекање, меѓу кои и Спутник V, објасни Вујновиќ.
Како што наведе таа, за да се најде вакцината на списокот потребно е да се состави потребниот пакет документи.
– Тоа не се само документи за ефикасноста на вакцината или напис во магазинот „Лансет“, тоа е комплетен севкупен технички документ на апликацијата за регистрација на лекот во СЗО, која вклучува пет големи модули, рече претставничката на СЗО.
Таа нагласи и дека се оди според планот и дека се надева дека ќе се овозможи завршување на процесот оваа година.
Вујновиќ додаде дека од сите руски вакцини, само Спутник V поднела барање за регистрација, јави ТАСС.
Фото: Игорь Иванко / Коммерсантъ