Нова година за нови односи

од Vladimir Zorba
481 прегледи

Деновиве, големото интензивирање на меѓусебните, досега замрзнати и целосно урушени односи помеѓу Македонија и Бугарија, по стап(н)увањето на функцијата  на новоизбраните премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков, ќе покаже наскоро, дали ние конечно, после достигнувањето на негативниот апогеј во нашите взаемни релации, ќе го фатиме правецот на колку-толку релаксирање на ужасно  наектрелизираните односи во негативниот контекст , и фаќање на патот кон нормализацијата, или пак сето   тоа е само привидна форма на некакви си куртоазни дипломатски и (не)формални средби, од  кои на крајот ќе излезе само една  чиста протоколарност.

Следејќи ги  јавните настапи на новиот бугарски премиер Кирил Петков, притоа  информирајќи се за неговото образовно и животно CV , искрено, сметам  дека во него има желба за соработка, добрососедство и пријателство со нас, како што е именуван фамозниот потпишан  Договор помеѓу двете земји, пред скоро пет години на ден Илинден, како една отсечка од која треба(ше) да ги уредиме квалитативно односите на секое поле. За жал, заглавивме на тоа кај историјата, и врз база на тоа , сите други обласни сфери беа пренебрегнати и забаталени.

На тој фон, затоа е  и акцентирањето на  потребата од  што поскоро забрзување на  работата на меѓуресорските комисии во кои ќе треба да се постават контурите на соработката во економијата, бизнис-стопанството, капиталните инфраструктурни проекти, образованието, културата и науката, бидејќи хардвардскиот дипломец е свесен дека тоа се реалните житејски проблеми, со кои се соочуваат граѓаните од двете страни на границата, но за жал, свесното манипулирање со емотивните национални теми, во јавниот и општествениот дискурс, овие животноважни прашања беа поттурнати во втор и трет план,или уште полошо, воопшто не беа поставувани на дневен ред.

Патот кон излезот е еден

Затоа,  дека логично им се брза и на владите предводени и од Петков и од Ковачевски,бидејќи премногу време се изгуби непотребно, барајќи го виновникот, а не се бараа  решенија, и тоа креативни со кои и проблемите со кои се соочувавме, можеше да бидат на фин, дипломатски и елегантен начин решени, и ние да не изгубевме и потрошевме толку непотребно долго време и негативна енергија на меѓусебни обвинувања. Сепак, за жал, нема никаква  дипломатичност, финост и елегантност во политичкото делување, ниту во политичкиот изглед на еден Бојко Борисов, Андреј Ковачев, Екатерина Захариева, а да не зборуваме за едни Красимир Каракачанов или Ангел Џамбазки. Затоа , дојдовме до ова дереџе, и покрај неверојатните напори за изнаоѓање на заемно прифатливо решение меѓу двете земји,  кои го чинеа  и политички опстанок  на крајот од политичките разврски кај нас,  а  ги праваше веќе поранешниот премиер на Македонија, Зоран Заев.

Нејсе, Борисов, после децениско неприкосновено владеење на тамошната политичка сцена се префрли во опозиција, додека политички мртовци се веќе партиските „габарити“ од  ултранационалистичката ВМРО-БНД, Каракачанов и Џамбазки. Веќе се наоѓаме во еден своевиден временски цајтнот, околу изнаоѓањето на излезот (решението) од ќор-сокак односите  во кои се набутавме, и тоа мора да биде годинава, со можност веќе на крајот од првата половина, по завршувањето на француското претседателство, за да може на крајот од истото, ветото (рампата) да биде спуштена и ние конечно да ги започнеме децениско чеканите и толку потребните преговори со Европската унија. Тие кои, суштински за нас, живот значат, бидејќи преку нив, треба да направиме трансформациска преобразба на сите општествени сфери, кои се битни за квалитативно уредување на секојдневниот живот: од функционалноста на судско-обвинителскиот систем и ефикасноста на јавната администрација, до подигнување на економскиот стандарт и куповната моќ, како граѓани.

Но да не бидеме пак наивни, и да веруваме дека сето ова погоренапишаното е лесно остварливо за реализација. Дури сметам дека политичката конјуктура во Бугарија е толку многу замрсена, отежната и непредвилива, што на Петков му (пре)останува многу храброст, тактичност и умешност да го изведе патот на решението и траекторискиот правец на излезот. Политичките партии на простачкиот шоумен, Слави Трифонов „Има таков народ“, кој не пропушта ниту една можност да упати омаловажувачки навреди кон нас како нација и како посебен национален идентитет, и да мисли дека саркастично не исмева  и Бугарската социјалистичка партија на Корнелија Нинова, ( како дел од владината композиција на премиерот Кирил Петков) , се камен на сопнување или на тежење на политичкиот врат на официјална Софија, бидејќи или овие две политички формации работат под  диктат на официјална Москва, и ги исполнуваат  вечните интереси  на  Кремљ, или пак на овој начин, сметаат дека со радикализација на вордингот и реториката кон нас (официјално Скопе), (зло)употребувајќи го т.н „македонско прашање“ низ призмата и диоптријата на бугарскиот национален и општествен ракурс, ќе го зголемат и онака својот урнисан партиско-политички рејтинг.

На крајот, да не сме уште дотолку наивни: без директно замешателство на меѓународната заедница (читај: американски булдожер тешкаши), не постојат, би рекол, ниту минимални шанси за постигнување на договор и решавање на „спорот“,  бидејќи никогаш националистичките, ретроградни струи и структури на балканските држави и нации, не можат да го уважат ставот, аргументите и стојалиштето на другиот, секогаш сметајќи и правдајќи се, дека само тие се во право, согласно нивниот светоглед на нештата, особено пак , кога станува збор  од историско-идентитетска природа.

Решението е на повидок, а се чини недостижно!

Решението се наоѓа во нашите глави. Во нашиот однос, кој треба да биде однос на заемно почитување, уважување и европско делување. Вака, кажано е многу лесно изводливо, сепак на практика, (изгледа) невозможно. Сепак, треба од некаде да почнеме, бидејќи секое повторување на неподносливото примитивно балканско живеење, нас повторно и повторно не фрла од година на година во балканскиот круг од пеколот. Не случајно, сите балкански држави, без исклучок, се на најдолните скалила на сите општествени критериуми за мерење на индексот на животниот стандарт, благосостојбата на граѓаните додека , степенот на корупција и организиран криминал, невработеноста, ако сакате и загаденоста на амбиенталниот воздух на највисоките, ама што значат најлоши. Што значи, си патиме од нашите глави, децении, дури би рекол и векови наназад. Додека другите планираат населување на планетата Марс  од најразвиените и најнапредни технолошко развојни земји, ние се уште сме заглавени во вртлогот на балканските национализми и шовинизми, од кој никако излез не можеме да најдеме.

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини