Колумбискиот репрезентативец Луис Дијаз (25) е нов играч на Ливерпул, официјално потврдија од клубот од „Енфилд Роуд“.
„Црвените“ штотуку ја објавија оваа вест на социјалните мрежи, а воодушевениот Клоп рече дека го добил играчот што „очајно го посакувал“.
Англиските медиуми со денови го најавуваа неговиот трансфер, а тој сега е комплетиран. Ливерпул испрати медицински персонал во Аргентина, а прегледите на одличниот офанзивец му беа направени во два дела за да може непречено да тренира со репрезентацијата која се подготвува за квалификацискиот натпревар против Аргентина за СП 2022 година во Катар.
Фудбалерот веќе практично договорил се со Тотенхем, а потоа се појавиле Ливерпул и Јирген Клоп, кои добиле дозвола од Порто да преговараат со фудбалерот. По долг разговор, Германецот му го претставил планот на Колумбиецот, кој воодушевен ги одбил сите други понуди и потпишал за тимот од „Енфилд“.
Дијаз кариерата ја започна во Баранкиља од Колумбија, а играше и за Јуниор ФК од кој летото 2019 година за 7 милиони евра се пресели во Порто.
За тимот од стадионот Драгао оваа сезона одигра 28 натпревари, постигна 16 голови и додаде 6 асистенции.