Во однос на С. Македонија, Министерството за надворешни работи строго ќе го почитува мандатот на Советот на министри, Декларацијата на Народното собрание и Договорот меѓу Бугарија и РСМ, изјави денеска бугарската шефица на дипломатијата, Теодора Генчовска, пренесе „БНТ“.
Таа денеска присуствувала на состанокот на парламентарната комисија за надворешна политика.
„Ќе го земеме предвид и мислењето на последниот Консултативен состанок за национална безбедност со претседателот Радев за Република Северна Македонија. Никогаш нема да отстапиме од рамковната позиција“, потенцирала Генчовска.
На прашањето како ќе го коментира ставот на претседателот Румен Радев дека посетата на премиерот Кирил Петков на РСМ била избрзана, Генчовска одговорила: „Тоа е мислењето на претседателот. Не можам да коментирам за тоа“.
Таа додала дека тамошната владата ги рестартирала односите со Скопје.
„Продолжуваме да се надоврзуваме на она што е постигнато досега. Има континуитет од страна на МНР. Надградуваме на постигнатото, има позитива и оптимизам. Во директен контакт сме со министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тимот од МНР е во директен контакт на стручно ниво“, рече Генчовска.